Добрата вест е дека денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани 9 пациенти, 8 од Дебар и 1 од Скопје, кои на два контролни теста на Ковид-19 имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба е добра и тие заминаа дома, информираше министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес-конференција.
На Инфективната клиника во Скопје денеска се примени осум нови пациенти, вкупно 48, од кои тројца се на респираторна вентилација, а на кислородна поддршка се деветмина пациенти – рече Филипче.
– Во Струга има почината пациентка која имала хронична респираторна болест, но немала корона вирус. Посмртно земени се материјали и се чекаат резултатите за да се види дали и таа била заболена од Ковид 19 – рече министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче рече дека имајќи превид дека и две лаборатории од приватните болници се вклучени во анализа на тестовите за коронавирусот, се зголоемен капацитетот и нагласи дека има сосема доволен број тестови.
– 20.000 тестови како донација веќе се на пат, плус 5.000 тестови донација од лабораторија во земјава – рече Филипче.
Од денеска работи уште еден пункт за тестирање од коронавирус во Скопје на клиниката во Чаир, а од среда почнува со работа и пунктот во поликлиниката „Млин Балкан”, со што се очекува понатаму да започнат со работа и дополнителни два пункта.