Кривичен суд: Нема вработени во самоизолација, адвокатите да не шпекулираат
Дел од вработените користат некои од мерките на Владата на РСМ како ослободување од работни активности заради чување дете помало од 10 години или хронична болест и тие мерки ги користат од кога истите стапија на сила, велат за Плусинфо од Кривичниот суд.
Ниту еден вработен во Кривичниот суд до овој момент не пријавил дека е во самоизолација заради контакт со други заразени лица или патување во странство, велат од Кривичниот суд на прашање на Плусинфо дали има вработени во судската администрација што се во изолација поради мерките за заштита од коронавирусот, оти во јавноста се проширија неофицијални информации дека во судот се применува оваа мерка поради контакт на вработена со заболен од опасниот вирус.
Наводно, според неофицијалните информации, деветмина вработени во администрацијата во Кривичниот суд биле во самоизолација:
– Дел од вработените користат некои од мерките на Владата на РСМ како ослободување од работни активности заради чување дете помало од 10 години или хронична болест и тие мерки ги користат од кога истите стапија на сила. Затоа бараме да не се шпекулира со оглед на тоа што Кривичниот суд изминатиот период транспаретно и отворено известуваше за сите мерки поврзани со вонредната сосотојба – вели Дејан Ристовски, портпарол на Основниот кривичен суд.
Бранители кои и во вонреднтата состојба поради коронавирусот одат на рочишта тврдат дека на судењата обвинетите доаѓаат незаштитени, без ракавици и маски, а и дека и вработени во администрацијата немаат заштита, иако преходно судот информираше дека ги презел сите потребни мерки.
Од судот велат дека станува збор за шпекулации на адвокатите, кои досега неколку пати беа разјаснети и преку изјави од претседателот на судот или преку канцеларијата за односи со јавност. Основниот кривичен суд Скопје апелира „до дел од адвокатите да не манипулираат со јавноста во однос на условите за водење на судските расправи и почитувањето на мерките на Светската здравствена организација (СЗО) и Владата за превенцијата од ширење на вирусот Ковид-19“.
– Судот, согласно одлуката на Судскиот совет и Министерството за правда изготви листа од околу 300 итни и неодложни предмети кои се насрочени во текот на месеците: март и април, од која листа во судот на дневна основа се насрочени не повеќе од 10 судења и тоа во зграда со 25 судници распоредени на седум ката. Токму затоа и судењата со поголем број странки се одвиваат во една од трите поголеми судници каде има доповолно простор и одалеченост меѓу присутните како што беше и со предметот во јавноста познат како „Титаник“. Редовно се дезинфицира, се мери температура со безконтактен уред на секој кој влегува во зградата, се користат медицински маски и стерилни ракавици и фреквенцијата на луѓе е сведена на минимум – велат од Кривичниот суд.
Адвокатската комора минатиот викенд испрати писма до сите надлежни со барање да се одржуваат само итните предмети. Претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски, предупреди дека низ судниците во цела држава дневно се одржуваат по неколку 1.000 рочишта и претставуваат потенцијални места каде може да се шири короната.
– Дополнитлно како адвокати комуницираме со притворени и затворени лица и би било катастрофа ако во затворите се прошири вирусот. Само вчера во Граѓански суд во рок од два часа имаше само 600 луге, како цела Универзална сала да ја донесете. Ова не го бараме само поради адвокатите туку поради сите и граѓани – изјави Михајловски за Телма.
Адвокатот Јовица Страшевски минатата недела трдеше дека тој се соочил со проблем, кога од притвор бил донесен обвинет без маска и ракавици. Тој тогаш упати апел и предупредување до Судскиот совет, да се почитуваат мерките на Владата за да не се претвори Кривичниот суд во жариште на коронавирусот.
– Јас денеска имав притворски предмет во Основниот кривичен суд Скопје. Обвинетиот, мој клиент беше донесен без заштитна маска и ракавици, а и сами знаете во какви услови се во притворското оделение во Шутка. Секоја ваква грешка може скапо да чини човечки животи, загрозување на сите во судот, загрозување на цели семејства. Поднесов и поднесок во архивата и таму вработените во судот, иако преку шалтер го земаа поднесокот, немаа заштитни ракавици и маски. Тоа може да се провери на камерите во судот – тврди Страшевски.
Тој потсети дека сите соседни држави ги затворија судовите.
– Грција ги затвори сите судови, во Бугарија со одлука на Врховниот суд се одложија сите рочишта за минимум еден месец, Србија судовите судат само итни притворски предмети и прекршителина мерките од корона вирусот, само Кривичниот суд и Иван Џолев држат судења – вели Страшевски.