Министерот за надворешни работи, Никола Димитров рече дака во ова заедничко „време невреме“ би сакал сепак да пренесе добри вести за македонските граѓани.
– Советот за општи работи на ниво на министрите за европски прашања на ЕУ, денес даде политичка согласност за предлог заклучоците кои се многу позитивни и охрабрувачки за нас. И покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, особено цениме што ЕУ најде време и волја веродостојно да оддаде признание за досега сработеното – изјави Димитров.
Тој рече дека земјата по 15 години во чекалната како кандидат и по разочарувањата во јуни 2018, јуни 2019 и октомври 2019 година, конечно го поминува прагот и ќе може да ја започне следната заслужена фаза од својот европски пат. Отсега натаму и ние ќе имаме референтна почетна точка од која ќе го мериме времето – откога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во усвојувањето на европските стандарди. И досега, но од сега па натаму уште повеќе, од нас самите зависи.
– Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во Европската Унија. Советот недвосмислено ќе потврди дека остваривме опипливи и одржливи реформски резултати во однос на реформите. Советот ја поканува Комисијата ВЕДНАШ да поднесе предлог рамка за преговорите како и да ја започне неопходната подготвителна работа – додаде министерот.
Првата меѓувладина конференција ќе биде свикана што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка. Советот ја поканува Комисијата да го дозаврши скрининг процесот, започнувајќи со кластерот за фундаменталните вредности.
– Одлуката на Советот не дојде лесно ниту пак ни беше поклонета. Ние и вие заедно со макотрпна работа и жртвување ја одработивме и заслуживме шансата да покажеме дека му припаѓаме на европското семејство – вели министерот.