Димитров: Околу 2.300 македонски државјани се заглавени во странство
Тој истакна дека вчера во договор со Црна Гора направиле обид да се извлече група македонски граѓани кои биле во Истанбул, но неуспешно.
Бројката варира, но во моментов има околу 2.300 заглавени македонски граѓани низ целиот свет, а најголемата концентрација е во европските земји, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров, на денешната прес-конференција.
– Вчера разговараме за ова прашање и Владата донесе одлуки. Нè задолжи нас да организираме хуманитарни летови за да си ги донесеме граѓаните дома. Истворемено се формираше тело кое ќе гарантира задолжителен државан карантин. Па така, сите граѓани што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните лекови ќе бидат ставени во карантин во траење од минимум 15 дена. Јас ги повикувам сите граѓани од странство да се пријават најдоцна до утре. Нашиот фокус ќе бидат земјите со поголема концентрација на граѓани – рече Димитров.
Тој истакна дека вчера во договор со Црна Гора направиле обид да се извлече група македонски граѓани кои биле во Истанбул.
– Групата требаше да се качи на хуманитарниот лет организиран од Владата на Црна Гора. Но, штом ги информиравме граѓаните дека ќе бидат ставени во карантин, ниту еден не сакаше да ја искористи оваа можност. Затоа велам дека бројките варираат – рече Димитров.
Во следните денови, додаде тој, ќе биде организиран хуманитарен конвој од Црна Гора до Македонија.
– Од пријателска Црна Гора ќе дојдат околу 70 наши државјани, кои веднаш ќе бидат ставени во карантин. Трошоците за престојот во карантинот ќе бидат на товар на државата – заклучи Димитров.