5 ПАЦИЕНТИ ОД СТРАНСТВО ПРЕЧЕКАНИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Уште ќе пристигнат во текот на утрешниот ден
Еден од нив пристигна од Атина, а четворица беа транспортирани од Мадрид. Тие се вратија во добра здравствена состојба, по одличната медицинска грижа која ја добија во Шпанија и Грција, за што искрено изразуваме благодарност, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Фејсбук објави дека денеска во земјава се вратени пет пациенти кои се лекуваа надвор од државата по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Еден од пациентите се лекуваше во Грција, а четворица во Шпанија. Тие беа пречекани на Меѓународниот аеродром во Скопје.
„Еден од нив пристигна од Атина, а четворица беа транспортирани од Мадрид. Тие се вратија во добра здравствена состојба, по одличната медицинска грижа која ја добија во Шпанија и Грција, за што искрено изразуваме благодарност. Кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува целосно активен и продолжува да го координира процесот на репатријација на повредените пациенти, како и поддршката за нивните семејства“, се наведува во објавата.
Претходно, министерот за здравство Арбен Таравари изрази надеж дека по 24-часовен престој, откако ќе бидат направени токсиколошките испитувања, Ангел кој се врати од Атина ќе биде пуштен на домашно лекување.
Во текот на утрешниот ден, според најавите на надлежните, се очекува во земјава да пристигнат уште пациенти кои беа испратени на лекување во странство по пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени.
– Продолжуваме со тековна комуникација со здравствените власти во државите каде што се сместени овие пациенти. Нашите дипломатско-конзуларни претставништва се постојано во комуникација и со семејствата – нагласи Муцунски во изјава за медиуми.
Вчера во земјава се врати и пациент кој беше лекуван во соседна Србија.
Како што информираше министерот за здравство Арбен Таравари, четворица пациенти кои се лекуваат во странство се во критична состојба.