130 КИЛОМЕТРИ ВЛЕЧЕЛ СИДРО И КИНЕЛ КАБЛИ Руски капетан на брод доби затворска казна во Финска

Окружниот суд во Хелсинки го осуди рускиот капетан на три години и шест месеци затвор, а член на екипажот од Азербејџан на две години и десет месеци. Двајцата треба да надоместат штета од околу 1,9 милиони евра.

0

Фински суд денеска осуди на затвор руски капетан и член на екипажот од Азербејџан, кои биле на товарниот брод „Фитбург“, поради тешка форма на саботажа со оштетување на два подводни телекомуникациски кабла во Финскиот Залив минатата година.

Финска на 31 декември го запленила бродот во Финскиот Залив, додека пловел од Русија кон Израел, под сомнение дека ги оштетил каблите што ги поврзуваат Хелсинки и Естонија.






Окружниот суд во Хелсинки го осуди капетанот на три години и шест месеци затвор, а членот на екипажот на две години и десет месеци.

Во соопштението на судот се наведува дека бродот влечел сидрен синџир и сидро по морското дно на должина од околу 130 километри и дека тоа го правеле намерно.

Финска ги засили напорите за заштита на својата подводна инфраструктура по серијата инциденти во кои, од 2022 година наваму, на мета биле кабли и цевководи во Балтичкото Море.

Капетанот ќе поднесе жалба на пресудата, додека членот на екипажот сè уште не одлучил дали ќе го стори тоа, изјавија нивните адвокати.

Според пресудата, судот им наложил на двајцата обвинети заеднички да ја надоместат штетата од околу 1,9 милиони евра. Дополнително, капетанот треба да плати уште околу 85.000 евра.

Обвинетите, кои останале во Финска со забрана за напуштање на земјата, ги отфрлиле обвиненијата за сторено кривично дело и ја оспориле надлежноста на финските власти во овој случај.

Поврзани содржини