УКРАИНСКИ ОФИЦЕР ПРВПАТ ПРЕД СУД ЗА САБОТАЖАТА НА „СЕВЕРЕН ТЕК“ На едрилицата „Андромеда“ имало 5 мажи и една жена

Поранешниот украински офицер Серхиј К. е обвинет дека предводел група нуркачи и експерт за експлозиви. Германските обвинители тврдат дека операцијата била организирана во име на неименувани украински државни органи.

0

Поранешниот украински воен офицер Серхиј К. денеска треба да се појави пред суд во Германија, обвинет за организирање на саботажата на гасоводите „Северен тек“. Обвинителството тврди дека предводел тајна операција со нуркачи, кои користеле изнајмена едрилица за поставување експлозив на дното на Балтичкото Море.

Серхиј К., уапсен минатата година во Италија, е единствениот обвинет на кој засега му се суди. Тој негира каква било вмешаност во експлозиите од септември 2022 година.






Според обвинителството, групата дејствувала во име на засега неименувани украински државни органи. Киев категорично негира вмешаност во саботажата.

Германските истражители тврдат дека обвинетиот пристигнал во земјата преку Полска, приближно 3 недели пред нападот. Наводно користел фалсификуван украински пасош.

За операцијата била изнајмена едрилица во северногерманскиот град Росток. Групата отпловила кон данскиот остров Борнхолм, каде што нуркачите наводно поставиле специјализирани експлозивни направи со временски запалки.

Германскиот неделник „Шпигел“ и телевизијата ЗДФ претходно објавија дека станува збор за јахтата „Андромеда“.

Според нивните информации, на едрилицата имало 5 мажи и 1 жена. Испловила од Росток на 6 септември, а се вратила на 23 септември 2022 година.

Во меѓувреме, уште еден Украинец е осомничен за учество во операцијата. Станува збор за Володимир Журавлов, кого хрватската полиција го уапси на 19 август во туристички објект во Пула.

Германските обвинители веруваат дека Журавлов бил еден од нуркачите во групата. Тој бил уапсен врз основа на европски налог за апсење.

Жупанискиот суд во Пула го одобрил неговото предавање на Германија. Адвокатот на осомничениот најавил жалба на одлуката.

Обвинителите сметаат дека нападот врз цивилната енергетска инфраструктура би можел да се квалификува како воено злосторство. Според нив, целта била да се пресечат значителни руски приходи од извозот на природен гас.

Судењето би можело да открие дел од доказите собрани во повеќегодишната германска истрага. Случајот е политички чувствителен бидејќи Берлин останува еден од најголемите европски поддржувачи на Украина.

Русија во понеделникот соопшти дека очекува „праведна пресуда“ и откривање на сторителите и на налогодавците.

Судскиот процес, според најавите, треба да трае до февруари 2027 година.

Поврзани содржини