„НА НАШИОТ ГРЕНЛАНД ЌЕ ИМА ОБЕМНО ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАФТА, ГАС И МИНЕРАЛИ“ Трамп вели дека на островот има лесно достапна нафта
Според Трамп, секој евентуален иден напад врз САД би морал да се случи преку Гренланд, каде што американската одбрана ќе може рутински да неутрализира беспилотни летала, ракети или кој било друг вид оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека на Гренланд се подготвува обемно истражување на нафта, гас и минерали, нарекувајќи го островот „нашиот нов и прекрасен Гренланд“.
„Обемно истражување на нафта, гас и минерали се подготвува за почеток на нашиот нов и прекрасен Гренланд!“, стои во објавата на Трамп на платформата „Трут соушл“.
Тој наведе дека постојат експерти кои тврдат оти количината на лесно достапна нафта е далеку поголема отколку на речиси кое било друго копно во светот.
Трамп оцени дека Гренланд е од исклучително значење за безбедноста на САД и на Европа, и во дефанзивна и офанзивна смисла.
Според него, секој евентуален иден напад врз САД би морал да се случи преку Гренланд, каде што американската одбрана ќе може рутински да неутрализира беспилотни летала, ракети или кој било друг вид оружје.
Трамп истакна дека американското присуство на островот овозможува увид во времето, локацијата и видното поле, како никаде на друго место во светот.
САД, Данска и Гренланд, кој е автономна територија во рамките на Кралството Данска, на 22 септември во Њујорк потпишаа безбедносен договор со кој се предвидува проширување на постојната американска база на островот и изградба на две нови воени бази.
Според изјавите на американската страна, договорот е траен, нема рок на истекување и не може еднострано да биде раскинат, додека данските власти и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, оценија дека нивните „црвени линии“ биле испочитувани и дека договорот ја зајакнува безбедноста на Арктикот и во регионот на северниот Атлантик.