1 МИЛИОН ЖИТЕЛИ И 550.000 ДОМОВИ ПОД РИЗИК ВО ПАРИЗ Загрижувачко предупредување ако надојдат реките Сена и Марна
Нова студија покажува дека повеќе од еден милион жители и над половина милион домови во регионот на Париз се изложени на ризик од големи поплави на реките Сена и Марна, слични на катастрофата од 1910 година.
Повеќе од еден милион жители на поширокиот регион на Париз би можеле директно да бидат погодени доколку дојде до големи поплави на реките Сена и Марна, предупредува нова студија на Институтот за регионот на Париз (IPR).
Според анализата, околу осум проценти од населението во регионот живее во подрачја кои се изложени на ризик од излевање на реките, а меѓу најзагрозените се и стотици илјади домови.
Студијата покажува дека дури 555.000 живеалишта се наоѓаат во потенцијално поплавни зони. Најголемиот дел од нив се станови во повеќекатни станбени згради, а ризикот главно е поврзан со можни излевања на Сена и Марна.
Авторот на студијата, урбанистичкиот планер Лудовик Фејтр, истакна дека иако големите поплави кои се случуваат еднаш во сто години не можат прецизно да се предвидат, нивната постепена појава овозможува навремено следење на нивото на водата и преземање мерки за ограничување на штетите.
– Масивните поплави што се случуваат еднаш во еден век се непредвидливи, но оставаат време за следење на покачувањето на водата и за спречување на значителни материјални штети – изјави Фејтр.
Тој нагласи дека е особено важно навреме да се идентификуваат и информираат ранливите категории граѓани, со цел да се подигне свеста за опасностите што ги носат ваквите природни катастрофи.
Како потсетување на можните последици, експертите ја посочуваат историската поплава на Сена од јануари 1910 година, кога нивото на водата пораснало за повеќе од еден метар. Тогаш голем број населени места останале под вода со недели, а поплавите предизвикале сериозни проблеми во француската престолнина и околните области.
Париз денес има околу 2,2 милиони жители во градското подрачје, што дополнително ја зголемува загриженоста на властите и експертите за можните последици од екстремни временски настани во иднина.