ЖИЧНИЦАТА НА ВОДНО НЕМА ДА РАБОТИ ЦЕЛО ЛЕТО Имало опасност да се откачи гондола
По вонредниот увид, констатирано е дека објектот не бил сервисиран од австрискиот производител „Допелмаер“ цели 15 години. ЈСП „Скопје“ чека понуда од австриската фирма за сервисирање.
Жичницата на Водно ќе остане затворена во текот на целото лето поради утврдени сериозни технички недостатоци, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
По вонредниот увид, констатирано е дека објектот не бил сервисиран од австрискиот производител „Допелмаер“ цели 15 години.
– Побарав да дојдат претставници на „Допелмаер“ по што беше утврдено дека не бил направен сервис. Билe барани понуди од фирмата, но за џабе. Ниту еднаш не бил склучен договор за целосно сервисирање. Увидот покажа дека гумичките биле изедени и поради тоа доаѓало до триење на гондолите. Исто така не работеле и неколку сензори. Поради овие причини можело да се случи да се откачи гондола – рече Ѓорѓиевски за порталот СДК.мк.
Жичницата беше затворена на 25 април со план да не работи два дена. Но, по проверките што ги извршил тимот од австрискиот производител, градските власти одлучиле да не ја пуштаат повторно во сообраќај.
ЈСП „Скопје“ чека понуда од австриската фирма за сервисирање.
– Колку точно ќе трае сервисирање не можеме да кажаме, но сигурно е дека летово нема да работи – додава Ѓорѓиевски.