ЗЕЛЕНСКИ МЕНУВА ПРЕМИЕР ПО ЧЕТВРТИ ПАТ Корецки ќе ја води Украина во чувствителен момент
Украинскиот парламент го избра Сергиј Корецки за нов премиер со 289 гласа. Зеленски смета дека неговото искуство во енергетиката ќе биде клучно во пресрет на новата воена зима.
Украина доби нов премиер, четврти во мандатот на претседателот Володимир Зеленски. Врховната рада денеска го избра Сергиј Корецки за шеф на владата, а неговото назначување го поддржаа 289 пратеници.
Корецки ја наследува Јулија Свириденко, чиј мандат траеше помалку од една година. Со нејзината оставка автоматски беше разрешен и целиот владин состав.
Пред нив украинската влада ја водеа Денис Шмихал, а претходно Олексиј Хончарук.
Од нафта и гас до премиерска функција
Новиот премиер има 48 години и доаѓа од енергетскиот сектор, каде изгради кариера како менаџер во дел од најголемите украински компании.
Пред изборот за премиер, Корецки беше претседател на Управниот одбор на „Нафтогас Украина“. Претходно раководеше со државните компании „Укрнафта“ и „Укртатнафта“, кои преминаа под државна контрола во 2022 година.
Под негово водство, „Укрнафта“ од компанија со милијардни загуби се претвори во едно од најпрофитабилните претпријатија во Украина. Во периодот 2023-2024 година оствари нето-добивка од околу 40 милијарди гривни.
Корецки претходно беше дел и од групацијата „Континуум“, која обединуваше повеќе од 200 компании, како и од синџирот бензински пумпи „ВОГ“.
Човек за воената зима
Украинскиот претседател при образложувањето на кандидатурата посебно го истакна искуството на Корецки во енергетиката. Според Зеленски, токму тоа искуство го прави најсоодветен кандидат за подготовка на земјата за претстојната зима, во услови кога руските напади врз енергетската инфраструктура остануваат една од најголемите закани за Украина.
Вчера претседателот официјално ја достави кандидатурата до парламентот, а претходно Корецки ја претстави својата визија пред пратеничката група на владејачката партија „Слуга на народот“.
Избор во период на политички тензии
Гласањето за новиот премиер се одржа во време кога во Киев и во други украински градови се одржуваат протести поради смената на досегашниот министер за одбрана Михајло Федоров.
Денеска беше објавено и дека Федоров ја одбил понудата на Зеленски да стане негов советник.
Поранешниот министер за одбрана изјави дека имал несогласувања со главниот командант на украинските вооружени сили, Олександр Сирски, кого го обвинил дека блокирал дел од иницијативите на Министерството за одбрана.