САД СЕ ОТКАЖАА ОД КОПНЕНА ОПЕРАЦИЈА ВО ИРАН? Само народот може да го смени режимот, вели Ди Венс
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс отфрли можност за испраќање масовни копнени сили во Иран. Според него, евентуалната промена на власта може да дојде само од иранскиот народ.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс отфрли можност за испраќање масовни копнени сили во Иран. Според него, евентуалната промена на власта може да дојде само од иранскиот народ.
САД нема да испратат 150.000 војници во Иран за да урнат режим, порача американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. Тој нагласи дека Вашингтон нема намера да води бесконечна воена кампања и дека иднината на иранската власт треба да ја одлучат самите Иранци.
Изјавата доаѓа во време кога дел од американските конзервативци бараат поостар пристап кон Техеран и отворено зборуваат за промена на режимот.
– Ако иранскиот народ сака да се крене и да ја промени својата влада, тоа зависи од нив. Но ние нема да испратиме 150.000 копнени трупи за да постигнеме промена на режимот, освен ако луѓето на терен не сакаат да го постигнат тој резултат. Нема да испраќаме трупи по секоја цена – изјави Венс.
Критика за „бесконечни војни“
Венс ги критикуваше политичарите кои бараат подолга и поширока воена кампања против Иран.
– Тие сакаат воената кампања да трае засекогаш. Притоа не можат јасно да објаснат што точно сакаат да постигнат. Некои од нив сакаат целосна промена на владата во Иран – рече американскиот потпретседател.
Тој оцени дека воениот притисок сам по себе не е доволен за решавање на кризата.
Покрај бомбите, потребна е и дипломатија
Според Венс, конфликтот со Иран не може да се реши исклучиво со воени средства.
Тој нагласи дека покрај бомбардирањето е потребна и дипломатија, која би помогнала да се најде политичко решение и да се избегне понатамошна ескалација на судирот.