ГО БАРАЛЕ ПОД ДРВО И ПОД КАМЕН, ЗА НА КРАЈОТ ГАШИ ДА ИМ КАЖЕ ДЕКА ПОДНЕЛ ОСТАВКА Уставниот судија Гоце Наумовски по 5 месеци се откажа од функцијата

Претседателот на судот Дарко Костадиновски добил потврда за оставката во телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

4

Уставниот судија Гоце Наумовски поднел оставка од функцијата, но за тоа не го известил ниту Уставниот суд, ниту претседателот Дарко Костадиновски, ниту колегите.

Од Уставниот суд информираат дека Наумовски до нив не доставил официјална информација за оставката. Претседателот на судот Дарко Костадиновски добил потврда за оставката во телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши.






– До Судот, од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка. Судијата денеска беше отсутен од седницата. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Дарко Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор од претседателот на Собранието, Африм Гаши – информираат од Уставен суд.

Во писмената оставка што ја доставил до Собранието, која ја објавија медиуми, Наумовски навел дека поднесува неотповиклива оставка поради лични и професионални причини.

Поради неговото отсуство од денешната седница не е донесена одлуката на Уставниот суд за предметот поврзан со иницијативата на опозициските партии Левица и Демократи за оценување на уставноста на делови од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање. Конечната одлука се очекуваше да биде донесена на утринската седница на Судот закажана за 9 часот за кога беше закажано гласањето по предложената иницијатива откако на неодамнешната седница судиите не можеа да донесат одлука дали ќе ја прифатат или ќе је отфрлат. Но, откако на седницата не се појавил судијата Гоце Наумовски беше решено Судот да не се произнесува по покренатите иницијативи. На минатата седница гласањето беше одложено поради неприсуството на судијата Наумовски, а денешната седница беше закажана откако со сигурност се очекувало тој да дојде.

Наумовски беше избран за уставен судија од Собранието на 18 февруари годинава, со 63 гласа „за“, седум против и без ниту еден воздржан.

По заминувањето на Наумовски, Уставниот суд ќе остане со седум судии.

Наумовски е професор на Правниот факултет, тој е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски и надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски за правни работи.

 

Поврзани содржини