ЗАБРАНЕТИ ЛЕЖАЛКИ И ЧАДОРИ НА 251 ГРЧКА ПЛАЖА Строги еколошки правила што ја менуваат летната сезона
Грчките власти воведуваат строги еколошки мерки со кои 251 плажа се ставаат под посебна заштита, без лежалки, чадори и каква било градба, како дел од стратегија за зачувување на крајбрежјето и природните живеалишта.
Грција воведува нови, значително построги правила за користење на крајбрежјето, со кои 251 плажа се ставаат под целосна заштита и ќе бидат забранети за било каква градба и комерцијално користење.
Мерките опфаќаат забрана за поставување лежалки, чадори за сонце и привремени конструкции, со цел да се зачуваат природните и еколошките вредности на најосетливите крајбрежни подрачја.
Грчкото Министерство за животна средина соопшти дека одлуката е насочена кон заштита на плажите со особено естетско, геоморфолошко и еколошко значење, како и кон зачувување на растителните и животинските видови кои зависат од тие екосистеми.
Според најавите, голем дел од овие плажи се наоѓаат во рамки на мрежата НАТУРА 2000, што дополнително значи построг режим на заштита и ограничување на човечкото влијание.
Во овие зони нема да биде дозволено издавање на плажите за комерцијална употреба, ниту поставување на било какви објекти кои би ја нарушиле природната форма на брегот или би влијаеле врз неговата еколошка функција.
Истовремено, листата на заштитени морски подрачја е проширена, а властите најавуваат дека мерката е дел од поширока стратегија за справување со неконтролираниот туристички развој и климатските промени кои сè повеќе го оптоваруваат крајбрежјето.
Целта, според надлежните, е да се воспостави поодржлив модел на туризам кој ќе ја зачува природата, но и долгорочната атрактивност на грчките плажи.