ЗА ВТОРО ВОЗИЛО ВО ЦЕНТАР СЕ НАПЛАЌА, ТРЕТОТО Е ЛУКСУЗ Нема простор за 3 или 4 паркинзи по стан

Првото возило за жителите на Општина Центар останува бесплатно, но второто се наплаќа, а третото возило е луксуз. Нема доволно паркинг места за три или четири автомобили по стан, вели градоначалникот на Центар за новиот ценовник за паркирање.

0

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа во гостувањето во Дневникот на Сител телевизија говореше за новиот правилник и ценовник на Јавното претпријатие за паркинзи на Општина Центар, истакнувајќи дека целта е подобрување на условите за паркирање, поголем ред и фер пристап за сите жители.

Герасимовски посочи дека Центар е најфреквентната општина во државата, со огромен број возила кои секојдневно доаѓаат и транзитираат низ нејзината територија, но и со сериозен притисок врз паркинг-просторот од самите жители.






– Недозволиво е во еден стан да има три или четири автомобили и потоа да се чудиме зошто нема место за паркирање пред домот. Првото возило за жителите на Општина Центар останува бесплатно, но второто се наплаќа, а третото возило е луксуз. Нема доволно паркинг места за три или четири автомобили по стан – истакна Герасимовски.

Тој нагласи дека новиот правилник е изработен врз основа на детална анализа која траела година и половина, спроведена од ЈП ПОЦ во соработка со Општина Центар, како и врз основа на бројни средби со граѓаните и нивните забелешки за проблемите со паркирањето.

– Имаме речиси 15.800 издадени одобренија, односно налепници, а околу 6.100 паркинг места. Тоа јасно покажува дека системот мора да се уреди. Во минатото имало злоупотреби, фиктивни адреси, лични карти оставени на адреси во Центар, како и користење на бенефиции без реално живеење во општината – рече Герасимовски.

Градоначалникот додаде дека со новите правила се штитат жителите кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат во близина на својот дом.

– Целта е да обезбедиме еднакви услови за сите жители. Оној граѓанин што има едно возило треба да може да паркира пред својот дом. Секое наредно возило е дополнителен товар врз системот и нормално е да се наплаќа – посочи Герасимовски.

Тој се осврна и на потребата од одржливост на претпријатието, нагласувајќи дека квалитетната услуга подразбира редовно обележување, одржување, осветлување и контрола на паркинг-просторите.

– Не може за 100 денари годишно да се очекува паркингот да биде обележан, осветлен, одржуван и постојано контролиран. За да имаме добра услуга и подобри услови, мора да имаме одржлив систем – рече Герасимовски.

Градоначалникот потенцираше дека дел од градските паркинзи, особено во Капиштец, кај Нова Македонија и во близина на Цветен пазар, во вечерните часови остануваат полупразни, додека истовремено дел од граѓаните не сакаат да користат платени и безбедни паркинг-простори.

– Купуваат по две или три возила, кои чинат илјадници евра, а не сакаат да одвојат симболични средства за безбедно паркирање. Тоа создава хаос за останатите жители – додаде тој.

Герасимовски истакна дека секоја новина на почеток предизвикува реакции, но дека очекува новиот правилник за неколку месеци да даде видливи резултати.

– Сигурен сум дека ова ќе донесе подобрување. Нашата цел е ред, фер услови и повеќе слободни места за оние што навистина живеат во Центар – порача Герасимовски.

Општина Центар продолжува со политиките за подобрување на урбаната мобилност, уредување на паркинг-просторот, проширување на тротоарите и велосипедската инфраструктура, со цел граѓаните да имаат побезбедно и поквалитетно движење низ општината.

Поврзани содржини