ВО ПРЕСРЕТ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВО Едно семејство со хумана одлука спаси два живота

Секоја трансплантација е доказ дека и во најтешките мигови луѓето наоѓаат сила да мислат на другите. Благодарност до секое семејство што избра да подари живот, потенцира министерот за здравство, Сашо Клековски.

40

Постојат одлуки што ја менуваат смислата на зборот „живот”. Одлуки донесени во најтешките мигови, кога болката е најголема, а срцето сепак избира да даде согласност, соопшти Министерството за здравство во објава за две успешни трансплантации на органи.

„Токму таква одлука, донесена од едно семејство минатиот месец, денес значи нов почеток за двајца пациенти. Со нивната хумана согласност за органодарителство, беше извршена трансплантација – и два живота добија нов, квалитетен продолжеток.






Зад секоја трансплантација стои приказна за храброст. Приказна за семејство, кое во моментот на најголема загуба, помислило на некој друг. И приказна за пациенти кои денес дишат, живеат и се враќаат кон своите најблиски благодарение на тој гест.

Органодарителството не е само медицински чин, тоа е чин на длабока човечност. Секое „ДА” за донирање е потенцијална втора шанса за некој што чека“, велат од министерството

Министерот за здравство Сашо Клековски порача:

– Секоја трансплантација е доказ дека и во најтешките мигови луѓето наоѓаат сила да мислат на другите. Благодарност до секое семејство што избра да подари живот.

Проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација вели дека зад секојa трансплантација стои тим, но пред сè стои една хумана одлука.

– Таа одлука е она што го прави можно чудото на новиот живот – порачува Кузмановска.

„Во пресрет на 13 август – Светски ден на органодарителство, се приклучуваме на светската иницијатива за подигнување на свесноста за значењето на дарувањето органи и им се заблагодаруваме на сите семејства кои со својата одлука подариле живот“, вели Министерството за здравство.

Поврзани содржини