ВО МАКЕДОНИЈА ИНФЛАЦИЈАТА ЦВРСТО СЕ ДРЖИ ЗА УЗДИ Во многу земји таа беснее, кај нас може да падне и под 3%

Владата си даде задача да ја намали инфлацијата и цените на храната под 3% и е на пат да го оствари тоа до крајот на годината, бидејќи главно се работи на изворите кои влијаат на инфлацијата и на стандардот на граѓаните.

21

Годишната инфлација во јуни изнесува 3,4% што е една од најниските во регионот и по подолг период најниска во земјава.

Во Грција таа изнесува 3,9%, во Бугарија 5,6%, Хрватска – 4,5% Словенија – 3,6%, а во Турција 32,11%. Дел од земјите од регионот сè уште ги немаат објавено податоците за инфлацијата во јуни. Така во мај во Косово таа изнесуваше 6,8%, во Босна и Херцеговина 5,6%, Црна Гора 3,6%, во Србија 3,5%, а во Албанија 3%.






Иако последната криза се смета за една од најголемите светски кризи со енергенси, податоците покажуваат дека владата успева да ја држи инфлацијата на ниво под 4%, што не беше случај со претходната исто така енергетска криза кога имавме двоцифрена инфлација.

Инфлацијата во јуни годинава во ек на нападот на САД на Иран изнесува 3,4%, додека пак во јуни 2022 година во ек на кризата со електрична енергија предизвикана од нападот на Русија на Украина изнесуваше 14,5%. Соодносот на справување на инфлацијата во двете кризи е 1:4,26%.

Анализата на статистичките податоци за инфлацијата, пак, покажува тренд на намалување на инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци која во јуни изнесува 2,5%, а кај облеката и обувките од 2,1%.

Од статистичките податоци може да се види дека во јуни инфлацијата е зголемена кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците од 9,3 и кај транспортот од 6,2% што е логична последица од кризата на Блискиот Исток иако земјава овој месец имаше најниски цени на горивата во регионот.

Месечната споредба, пак, покажува тренд на намалување на трошоците на живот токму кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците бидејќи состојбата останала непроменета, а пад е забележан и кај транспортот од 1,6% и храната и безалкохолните пијалаци од 1,1% што говори дека е почнат тренд на дополнително намалување на инфлацијата што ќе се види со податоците за јули.

Владата си даде задача да ја намали инфлацијата и цените на храната под 3% и е на пат да го оствари тоа до крајот на годината, бидејќи главно се работи на изворите кои влијаат на инфлацијата и на стандардот на граѓаните.

Со таква цел, како што изјави премиерот Христијан Мицкоски, беа и средбите со трговците каде што се договараше како да се забави трендот на зголемување на цените, а веќе е најавена и средба со производителите и дистрибутерите за да се види која е причината за растот на цените и инфлацијата.

Премиерот побара трговците да не ги користат промените во цените на горивата како изговор за зголемување на цените на храната и побара солидарност и директно намалување на цените од маркетите, дистрибутерите и производителите.

Анализата што ја прави Државниот пазарен инспекторат околу ова прашање сè уште не е објавена, но според изјавите на одговорните, забележан е незаконски раст на профитните маржи.

Премиерот деновиве најави директни средба токму со трговските компании кои се обиделе да профитираат од кризата. Целта е да се разговара за неоправдано зголемените маржи (профит на трговците) и да се спречи раст на цените на храната. Притоа ќе им бидат презентирани податоците од владината анализа, а премиерот ќе ги слушне причините и аргументите на трговците пред да донесе нови мерки.

Трендот на пониска инфлација може да се задржи со добро обмислени домашни политики кои ќе го намалат надворешното влијание врз инфлацијата и ќе ги сведат на минимум домашните предизвикувачи, велат економисти.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, смета дека е битно да се задржи трендот на ниска инфлацијата иако не очекува нејзино драстично намалување.

– Податоците за инфлацијата во јуни покажуваат мало движење, што не може да биде релевантно за процена на натамошниот тренд кој зависи од фискалната и монетарната политика која ќе следи во следниот период и случувањата во светот, кои битно влијаат на нашата отворена економија. Меѓутоа, битно е да се задржи трендот. Колку ќе се успее во тоа, останува да видиме – вели Хајредини.

Економистот и поранешен пратеник Маријан Николов исто така вели дека ова е мала промена која не може да покаже како ќе се движи инфлацијата во наредниот период, но смета дека владата и Народната банка треба да ги искористат механизмите за да нема неочекувано домашно зголемување на инфлацијата преку цената на храната и на енергенсите, бидејќи на надворешните удари, како овој со нафтената криза не може да се влијае.

– Владата и Народната банка ги знаат слабите страни и каде можат да влијаат да не дојде до неочекувани нагорни движења и треба навреме да реагираат. Сепак, не може да се очекува инфлација од 3% каква што посакува владата. Дури и самата таа во ребалансот предвидува повисока инфлација, а и Народна банка исто така предвиде инфлацијата годинава да изнесува некаде 3,6%. Но, добро би било да се вратиме на инфлација под 3% на стапка од 2 до 2,6% која е поднослива за секоја економија и за нашата посебно, која реагира на секоја економска промена во светот – вели Николов.

Тука, вели тој, многу ќе влијаат цените на земјоделските производи и храната што ја увезуваме која, како што е најавено, ќе расте во следниот период поради цените на ѓубривата и нафтата. Исто така големо влијание ќе има и личната потрошувачка и цените на индустриските прехранбени производи, кај кои веќе има раст.

– Сепак, владата и Народната банка имаат механизми да влијаат на сето тоа, а на подолг рок добро е да се свртиме кон домашно производство кое ќе ни овозможи цените на храната да не растат под влијание на увозот – вели Николов.

За потсетување, инфлацијата во мај изнесуваше 4,8 %, во април 5,7%,  март 4,9%, во февруари 2,9%, а во јануари 3,2%.

Поврзани содржини