МАКЕДОНИЈА СЕ ВКЛУЧУВА ВО ЕВРОПСКАТА ВОДОРОДНА МРЕЖА Изградбата на интерконекторите кон Грција и кон Србија се темел за тоа
Според министерката за енергетика Сања Божиновска овие проекти ќе воспостават важен транзитен коридор што ги поврзува јужните рути за снабдување преку Грција со пазарите во Централна Европа.
Енергетската сигурност веќе не може да се третира исклучиво како национално прашање. Конкурентноста и сигурноста на нашите енергетски системи станаа заеднички регионален предизвик и заедничка регионална одговорност. Поради тоа, Македонија останува цврсто посветена на развојот на прекуграничната инфраструктура и на зајакнувањето на интеграцијата на регионалните енергетски пазари – порача денеска министерката за енергетика Сања Божиновска од пленарниот состанок што се одржува во рамките на вториот министерски самит за енергетика во Белград.
Македонија останува посветена и на блиската соработка со соседните оператори на преносни системи и регионалните институции за да се обезбеди стабилност на системот, да се олесни размената на електрична енергија и да се зајакнат механизмите за прекугранична поддршка кога и да е потребно.
Во однос на гасот, напомена дека земјава силно ги поддржува заедничките механизми за координација и солидарност во случај на криза во снабдувањето.
Таа се осврна на гасните интерконектори со Грција и Србија, кои, рече, ги поставуваат темелите на идната водородна мрежа на Македонија и ја зајакнуваат нашата интеграција во европската водородна мрежа.
– Овие проекти ќе воспостават важен транзитен коридор што ги поврзува јужните рути за снабдување преку Грција со пазарите во Централна Европа. Ова значи поголема сигурност, посилна конкуренција, нови можности за инвестиции и дополнителни економски придобивки за целиот регион – оцени Божиновска.
Според неа, изградбата на гасниот интерконектор со Грција напредува одлично. Веќе се заварени 30 km од вкупно 67 km и со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно, проектот ќе овозможи пристап до нови извори на снабдување и до СПГ (LNG) инфраструктурата во Грција, што значително ќе придонесе за диверзификацијата и сигурноста во снабдувањето.
– Сепак, неговото значење не завршува тука. Интерконекторот е дизајниран да транспортира 100% водород, со што се гарантира дека денешните инвестиции го поддржуваат нискојаглеродниот енергетски систем на утрешницата и придонесуваат кон целите на Европа за декарбонизација – рече министерката.
според неа значајно е тоа што овие интерконектори ќе пренезуваат и водород.
-Македонија активно се подготвува за следната фаза од енергетската транзиција. На почетокот на оваа година ја комплетираше својата прва Национална студија за водород, што претставува важен чекор напред во планирањето на нашиот иден енергетски систем. Заедно со овие интерконекции, ги поставуваме основите за идната национална водородна мрежа и за активното учество на Македонија во паневропската водородна инфраструктура која е во фаза на развој. Убедени сме дека Грција, Северна Македонија и Србија можат да одиграат значајна улога во идниот Европски водороден коридор, трансформирајќи го нашиот регион во стратешка врска меѓу производителите и потрошувачите на чиста енергија ширум Европа -рече Божиновска.
Во обраќањето порача и дека енергетската транзиција не е само технички или инфраструктурен предизвик, туку мора да биде и праведен процес.
На пленарниот состанок учествуваат делегациите од Македонија, Србија, Бугарија и Грција, предводени од ресорните министри, Сања Божиновска, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, Ива Петрова и Ставрос Папаставру. По завршувањето на состанокот, предвидена е заедничка прес-конференција на четирите министри.
Божиновска на самитот ќе оствари билатерална средба со бугарската министерката Петрова, на која се очекува да стане збор за натамошното унапредување и проширување на веќе воспоставената соработка.