ВЛАДАТА БАРА ИТНО МИСЛЕЊЕ ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ Ќе има практични демонстрации на испитот
Известителите на Венецијанската комисија ќе остварат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации. Предвидени се и практични демонстрации на писмениот дел од испитот во Апелациониот суд во Скопје и на усниот дел во Министерството за правда.
Владата на денешната седница ја усвои потребата од добивање итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит.
Со овој чекор, според Министерството за правда, се обезбедува независна меѓународна експертска оцена за усогласеноста на предложеното решение со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.
Во рамките на постапката, известителите на Венецијанската комисија ќе остварат средби со претставници на релевантните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации. Предвидени се и практични демонстрации на писмениот дел од испитот во Апелациониот суд во Скопје и на усниот дел во Министерството за правда.
Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.
Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа во кое се застапени 61 држава членка, ќе обезбеди независна меѓународна експертска перспектива во оценувањето на предложеното законско решение.
„Нашата определба е јасна: законите да се темелат на Уставот, правото и европските стандарди, а решенијата да произлегуваат од правни аргументи и стручна анализа“, се нагласува во соопштението од Министерството за правда.