ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Е ТРЕНИРАНА И СО НОВИНАРСКИ ТЕКСТОВИ Европските новински агенции бараат да им се плати

Внатрешните документи од тужбата на Њујорк тајмс против Мајкрософт и ОпенАИ покажуваат дека високите службеници во овие компании приватно знаеле дека масовното собирање новинарска содржина претставува, според нивните зборови, најголемата кражба на труд во човечката историја, соопшти Европската асоцијација на новински агенции.

1

Европската асоцијација на новински агенции (ЕАНА) изрази загриженост во врска со неодамна објавените судски документи од тужбата на Њујорк тајмс против Мајкрософт и ОпенАИ. Документите, според ЕАНА, покажуваат дека медиумската содржина била намерно и без надомест користена за обука на модели на вештачка интелигенција.

Кон крајот на 2023 година, Њујорк тајмс ги тужеше Мајкрософт и ОпенАИ, компанијата која го создаде ЧатГПТ, за кршење на авторските права. Весникот тврди дека компаниите неовластено ги користеле неговите објавени трудови за обука на вештачката интелигенција.






„Внатрешните документи откриени во случајот покажуваат дека високите службеници во овие компании приватно знаеле дека масовното собирање новинарска содржина претставува, според нивните зборови, најголемата кражба на труд во човечката историја“, соопшти ЕАНА.

Во истите документи, медиумските компании се нарекуваат и основни добавувачи за LLM, или големи јазични модели, додаде здружението.

ЕАНА верува дека новите информации укажуваат дека користењето на содржината на новинските агенции за обука на системите со вештачка интелигенција не било ниту случајно, а не е ниту праведно компензирано.

„Напротив, се чини дека комерцијална стратегија била свесно изградена врз некомпензирана работа на новинарите“, соопшти ЕАНА.

Здружението го повтори својот став дека новинските агенции се дел од критичната инфраструктура на демократските општества и дека нивната одржливост зависи од фер рамки за лиценцирање. Ги повика компаниите што развиваат вештачка интелигенција да ги прекинат нелегалните и нетранспарентните практики и да склучат договори за лиценцирање со носителите на авторските права за да се обезбеди континуитет на квалитетното новинарство.

ЕАНА, исто така, ги повикува носителите на одлуки во Европа и пошироко да обезбедат дека „транспарентноста, согласноста и надоместокот остануваат основа на секој развој на вештачката интелигенција изграден врз работата на новинарите“.

Генералниот секретар на ЕАНА, Александру Гибој, рече дека квалитетното новинарство е вредно за компаниите за вештачка интелигенција токму затоа што е точно, проверено и јасно напишано, и дека оваа вредност „за жал е одземена без согласност или надомест“.

– Иновацијата и интегритетот не се исклучуваат меѓусебно. Постои јасен пат, каде што компаниите за вештачка интелигенција ја користат нашата новинарска работа на фер начин, по соодветна согласност и како дел од искрено партнерство засновано на фер надомест. Она што сега го читаме во овие судски документи нема никаква врска со тоа – рече Гибој.

Поврзани содржини