ТРОЈНАТА ЗАШТИТА ОД ИГРИТЕ НА СРЕЌА ЌЕ СТАНЕ УСТАВНО-ПРАВЕН ПРОБЛЕМ Слободата на пазарот и претприемништвото се гарантирани со Уставот
Доколку предлагачите на законот сметаат дека игрите на среќа се штетни за здравјето на луѓето, тогаш тоа мора да го докажат во правосудна постапка и потоа целосно да ги забранат.
Долго време во општеството е отворено прашањето што треба државата да стори за да се намали бројот на обложувалници, автомат-клубови и казина. Од една страна државната каса на годишно ниво инкасира повеќе од 350 милиони евра, но од друга страна различните политички структури кои владеат во последните десетина години, се под притисок на критичката јавност која бара целосно затворање на игрите на среќа и „продавниците“ за брзи кредити.
Жестоките критичари го наметнуваат мислењето дека младината во моментот е изложена на искушенија за стекнување зависност од игрите на среќа, кое според нив, ги има на секој чекор. Многу често се користи формулацијата дека Скопје заради светлечките реклами на игрите на среќа наликува на Лас Вегас. Актуелната Влада не е имуна на овој притисок и затоа предложи нов закон за игри на среќа кој веднаш предизвика жестоки реакции на вработените во овој сектор и асоцијациите на приредувачите, кои тврдат дека со ваквото решение ќе се затворат легалните објекти заради што младината ќе стане лесна мета на диви играчници. Се повикуваат на примерот со Албанија каде нивниот премиер се откажа од четиригодишната забрана на игрите на среќа заради масовно отворање на играчници на црно и големи буџетски финансиски загуби.
Што содржи новиот предлог закон за игри на среќа? Се актуелизира одредбата за воведување дистанца од 500 метри на објектите за приредување игри на среќа од училишта, се забранува секаков вид медиумско рекламирање на приредувачите и се намалуваат светлечките реклами на големина од 100 сантиметри ширина и 30 сантиметри должина. Ова може да се каже дека е обид за тројна заштита од игрите на среќа. Сепак, анализите укажуваат сериозен потенцијал за покренување уставно правни прашања.
Да анализираме едно по едно. Со темелните вредности на Македонскиот Устав, но и во членот 55 во главата 4 – „Основи на економските односи“, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Државата мора да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти за пазарот и не може да ги ограничи слободата на пазарот и претприемништвото освен ако не е загрозена одбраната на Републиката, зачувувањето на животната средина, природата или здравјето на луѓето.
Доколку предлагачите на законот сметаат дека игрите на среќа се штетни по здравјето на луѓето, тогаш тоа мора да го докажат во правосудна постапка и потоа целосно да ги забранат. Вака, со дистанцирање 500 метри од училишта се прави противуставна дискриминација, и тоа на урбанистичка околност која не е фиксна. Имено, 500 метри во 2026 не значи дека ќе биде 500 метри и во 2028 година. Било кој градоначалник може да одлучи да гради училиште на помалку од 500 метри од постоечки автомат клуб и со тоа да создаде правна претпоставка за негово затворање. Уште повеќе што дистанцата од училишта не важи и за кафулиња, ресторани и тобака каде младината по истата логика (преку очи и магнетна привлечност на светлечките украсени излози) може да стекнува зависност од алкохол и никотин.
Доволен е примерот во Општина Центар, каде на „Боемската улица“ има основно училиште каде ученици од школскиот двор секојдневно се соочуваат со кафеанските обичаи. Најголем фаул на дистанцата прави одредбата од предлогот на Владата со кој државата го задржува правото да организира онлајн игри на среќа. Едноставно, се губи смислата на мерката за наводна заштита на младината кога преку мобилните телефони и интернетот тие ќе бидат изложени во секое време на онлајн игри на среќа.
Забраната за медиумско рекламирање е парадоксална, затоа што истата не се однесува и не важи за рекламите на спортската опрема и рекламите на спортските терени на називите на приредувачите на игри на среќа. Тоа значи дека кога на медиумите ќе се врши пренос на фудбалски, ракометен натпревар или спортски автомобилизам целокупната јавност ќе се соочува со рекламите на дресовите и називите на приредувачите на игри на среќа, ама за истите медиуми ќе важи забрана според која нема да може самите комерцијално да издаваат рекламен простор за овој економски сектор. Ова е повторно правен потенцијал за противуставна дискриминација.
Конечно, во октомври 2024 година Врховниот Суд на Шпанија ја укина забраната за рекламирање игри на среќа преку ТВ и интернетот. Пресудата ги истакна приоритетите за регулаторите во ЕУ. Судот заклучи дека забраната нема правна и уставна основа и наложи да се најде рамнотежа меѓу загарантираната слобода на деловното работење на приредувачите на игри на среќа и заштита на потрошувачите – играчите. Истиот Суд како повреда на слобода на говорот ја оцени и ја укина забраната за познатите личности (инфлуенсери) да рекламираат игри на среќа.
Анализата укажува дека министерството за финансии како овластен предлагач на новиот Предлог закон за игри на среќа на Владата треба сериозно да го земе предвид потенцијалот на оспорување на клучните одредби пред Уставниот суд што секако може да предизвика тужби кои драматично би го оштетиле буџетот на државата.