ТРАМП САКА НОВИОТ НОСАЧ НА АВИОНИ ДА ГИ НОСИ НЕГОВОТО ИМЕ Демократски сенатор ќе се обиде да го спречи
Врвните претставници на американската морнарица разговараат за промена на планираното име за носачот на авиони „УСС Дорис Милер“, кој е во изградба, а претходно беше одлучено да биде именуван во чест на црниот морнар Милер, службеник во кујната, кој стана познат по ракувањето со противвоздушен топ за време на јапонскиот напад врз Перл Харбор во 1941 година.
Американскиот демократски сенатор Кори Букер најави дека ќе поднесе 3 закони што ќе ја спречат администрацијата на претседателот Доналд Трамп да се откаже од именувањето на новиот носач на авиони по воениот херој Дорис Милер, а наместо тоа носачот да се вика „УСС Доналд Трамп“.
Двајца американски функционери потврдија дека врвните претставници на американската морнарица разговараат за промена на планираното име за носачот на авиони „УСС Дорис Милер“. Бродот моментално е во изградба, а претходно беше одлучено да биде именуван во чест на црниот морнар, службеник во кујната, кој стана познат по ракувањето со противвоздушен топ за време на јапонскиот напад врз Перл Харбор во 1941 година.
Милер работел како кујнски службеник на борбениот брод „УСС Вест Вирџинија“ и никогаш не добил воена обука за ракување со ова оружје. Сепак, за време на ненадејниот напад тој ја презеде иницијативата – го зграби топот, собори барем еден јапонски авион и ги извлече ранетите американски морнари на безбедно. Во 2001 година, неговиот лик беше отелотворен на екранот од актерот Куба Гудинг Џуниор во холивудскиот спектакл „Перл Харбор“.

Поради расните закони и сегрегацијата од тоа време, на црнците во армијата не им беше дозволено да учествуваат во борбени улоги, а нивните должности беа строго ограничени.
„УСС Дорис Милер“ треба да стане првиот американски носач на авиони именуван по црн член на вооружените сили и по обичен морнар, а не по офицер. Одлуката беше донесена и јавно објавена за време на првиот претседателски мандат на Трамп.
Сепак, водачите на морнарицата сега размислуваат да го именуваат носачот по Доналд Трамп, изјавија двајца функционери за Ен-Би-Си њус. Ова е најновиот обид на администрацијата на Трамп да го стави името на претседателот на имот во сопственост на федералната влада.
Милер беше првиот црн член на војската на кого му беше доделен Морнаричкиот крст, второто највисоко воено одликување на морнарицата. Двајца функционери велат дека водачите на Пентагон би можеле да се обидат да ја оправдаат промената на името на бродот со постхумно доделување на Медалот на честа на Милер. Имено, по правило, разорувачите се именуваат по добитниците на Медал на честа, додека носачите на авиони најчесто се именуваат по поранешни американски претседатели.
Предлог-законите што ги подготвува сенаторот Букер би забраниле трошење федерални пари за преименување бродови и би спречиле идните администрации да именуваат бродови по актуелни претседатели и потпретседатели. Законот, исто така, повикува на поголема транспарентност со Конгресот во процесот на именување воени бродови.
„Дорис Милер не чекаше дозвола за да стане херој. Тој се стрча директно во огинот во Перл Харбор и се бореше за земја која дури и не му дозволи да тренира за оружјето што го користеше за да ја брани“, соопшти сенаторот Букер .
Оваа администрација, додаде тој, сега сака да го избрише и да го залепи името на претседателот на воен брод од 100.000 тони.
„Тоа не ја почитува морнарицата, туку ја уништува нејзината историја. Ниеден претседател не треба да може да крсти или преименува воен брод во своја чест, ниту пак треба да се избрише кој било американски херој само за да се направи место за претседателот“, порача Букер.
Формалното овластување за именување на воени бродови е на секретарот на морнарицата, но одлуките за носачите на авиони честопати директно ги вклучуваше секретарите за одбрана. Во овој случај, конечната одлука ќе ја донесат секретарот за војна Пит Хегсет и вршителот на должноста секретар на морнарицата Хунг Цао.