ТРАМП ЌЕ ГРАДИ ТРИУМФАЛНА КАПИЈА Еве зошто семејството Кенеди сака да биде сопрена постапката
Деветмина членови на семејството Кенеди се приклучуваат на судската битка против проектот. Тие предупредуваат дека огромната градба ќе го наруши изгледот на Националните гробишта Арлингтон.
Планот на американскиот претседател Доналд Трамп да изгради триумфална капија висока 76 метри наиде на отпор од семејството Кенеди.
Деветмина негови членови побараа да се приклучат на судската постапка за запирање на изградбата, бидејќи сметаат дека капијата ќе го наруши погледот кон семејните гробови и спомен-обележјето „Вечен пламен“ на поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди.
Меѓу нив има деца и внуци на поранешниот американски државен обвинител Роберт Ф. Кенеди и сенаторот Тед Кенеди, објави Си-Би-Ес њуз.
Тројцата браќа, Џон, Роберт и Тед Кенеди, се погребани на Националните гробишта Арлингтон, во близина на Вашингтон.
Членовите на семејството сметаат дека капијата ќе го наруши достоинството на просторот посветен на американските воени ветерани.
„Проектот трајно ќе фрли сенка врз гробовите на мажите и жените што ја дадоа најголемата жртва за земјата, вклучувајќи ги и гробовите на семејството Кенеди“, се наведува во судскиот поднесок.
Рори Кенеди и Максвел Кенеди предупредија дека градбата ќе има и пошироко симболично значење.
– Огромна капија што фрла сенка врз гробовите на нашите татковци, мајка и чичковци, како и врз гробовите на многумина што ѝ служеле на земјата, би фрлила сенка и врз нашите демократски принципи – порачаа тие во заедничка изјава.
Судијка привремено ја запре изградбата
Триумфалната капија е планирана на кружен тек од спротивната страна на реката Потомак, во однос на Споменикот на Линколн во Вашингтон.
Администрацијата на Трамп тврди дека монументот ќе биде посветен на 250-годишнината од американската независност.
Изградбата требало да започне уште овој месец, но проектот наиде на противење од локалните власти, демократски конгресмени и воени ветерани.
Противниците тврдат дека администрацијата не ги испочитувала законските процедури и дека капијата ќе го наруши погледот меѓу гробиштата Арлингтон и Споменикот на Линколн.
Националната комисија за планирање на главниот град минатата недела ги одобри плановите.
Сепак, федералната судијка Тања Чуткан привремено ги забрани градежните активности на 14 дена, оценувајќи дека проектот веројатно е спротивен на законот.
Тужителите сега бараат подолготрајна судска забрана.
Белата куќа ги отфрла обвинувањата и тврди дека проектот е законски.
– Уверени сме дека судскиот процес ќе заврши во наша корист и со нетрпение очекуваме да ја видиме завршена оваа прекрасна капија, посветена на 250 години американска величина – изјави портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингл.
Не е првпат фамилијата Кенеди да реагира
Ова не е првпат членовите на семејството Кенеди да се спротивстават на плановите на Трамп за преуредување на американската престолнина.
Неколкумина претходно го критикуваа неговиот обид да го додаде своето име на Центарот за сценски уметности „Џон Ф. Кенеди“.
Меѓу нив се Кери Кенеди и Џо Кенеди Трети, кои сега бараат да се приклучат и на тужбата против триумфалната капија.
Нивниот роднина, американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот, претходно изјави дека не бил вклучен во иницијативата за преименување на центарот.
– Секако дека ги разбирам, но имам поважни работи со кои треба да се занимавам – рече тој, коментирајќи го противењето на дел од семејството.