СРБИЈА ЌЕ ИСПРАТИ ВОЕНИ ХЕЛИКОПТЕРИ, СОСЕДИТЕ НУДАТ ПОМОШ Македонија доби пораки на солидарност по трагедијата во Кочани
Понудив, во име на Србија, а претседателката на Северна Македонија прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови, како и да примиме во болниците во Србија голем број од повредените во трагедијата во Кочани, напиша српскиот претседател на Инстаграм.
Македонија доби пораки на сочувство од бројни земји во светот за трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица и повредени се повеќе од 150. Соседни Бугарија, Грција, Србија и Албанија на Македонија ѝ ги понудија и своите медицински капацитети и друг вид помош за справување со последиците.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сочувство до претседателката Гордана Силјановска-Давкова за трагичниот пожар. Тој на Инсгаграм напиша дека „понудив, во име на Србија, а претседателката на Северна Македонија прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови, како и да примиме во болниците во Србија голем број од повредените во трагедијата во Кочани“.
На крајот од објавата српскиот претседател наведува дека „Ја информирав претседателката дека Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост за трагедијата и изразив уверување дека народот на братска Северна Македонија, со силата и солидарноста што секогаш ја покажувал, ќе успее да ја надмине оваа голема трагедија и да најде начин да закрепне“.
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ објави дека Србија ќе испрати воени хеликоптери по повредените, за да се лекуваат на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.
Пораки на сочувство пристигнаа и од премиерот и од претседателот на Албанија. Албанскиот премиер Еди Рама изрази подготвеност за пружање секаква неопходна помош.
„Со длабоко чувство на тага им го пренесувам моето сочувство на браќата и сестрите од Северна Македонија за големата трагедија во Кочани. Кога ја дознав веста останав без зборови и се молам повредените да закрепнат а семејствата на жртвите да најдат сила да се справат со нивната неутешна загуба. Исто така, во име на Албанија и Албанците го пренесувам моето сочувство до премиерот Мицкоски и властите на соседната земја“, напиша Рама на социјалната мрежа Икс.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај на Икс изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите:
„Моите молитви и молитвите на албанскиот народ се упатени кон повредените, тие брзо да закрепнат и болката во градот Кочани да не се зголемува“.
Претходно во текот на денот сочувство и подготвеност за испраќање медицинска и друга помош изразија бугарскиот претседател Румен Радев и грчкиот претседател Кирјакос Мицотакис.