СОБРАЛЕ 3.300 ЕВРА СО ФИНТАТА ЗА „БОЛНО“ ДЕТЕ Дебрани собирале пари преку социјални мрежи
Преку лажна приказна за болно дете лица од Дебар довеле во заблуда повеќе лица и противправно се стекнале со 3.300 евра. Полицијата поднесе кривични пријави.
Кривични пријави се поднесени против две лица од Дебар поради измама преку лажна хуманитарна акција.
Станува збор за 19-годишна девојка од село Селокуќи и 28-годишен жител на Дебар. Според полицијата, тие преку социјални мрежи собирале пари за операција на наводно болно дете. На овој начин тие се стекнале со 3.200 евра и 6.000 денари.
„Првопријавената, поттикната од второпријавениот, во периодот од 10 до 12 март годинава довела во заблуда повеќе лица, така што лажно прикажувала факти преку социјалната мрежа“, информираат од СВР Охрид.
Полицијата предупредува дека ваквите измами се сè почести и апелира граѓаните да бидат внимателни.
„Постојат лажни информации од одредени лица кои се всушност класичен обид за измама. Граѓаните да не се јавуваат на оставените броеви, да не споделуваат лични податоци и да не донираат средства“.