МИЦКОСКИ НЕМА ПРОТИВ И МИНИСТРИТЕ ДА БИДАТ БЕЗ ДВОЈНО ДРЖАВЈАНСТВО Премиерот има само македонско државјанство
Премиерот Христијан Мицкоски нема против да се ограничи можноста пратениците да поседуваат двојно државјанство доколку тоа го дозволуваат Уставот и законите, како и да се прошири ограничувањето и на извршната власт и на претседателот на државата. Вели дека нема и не планира да има друго државјанство, освен македонското, и оти вакво ограничување не го засега на ниеден начин.
– Ако правните експерти, правно-уставните експерти, велат дека нема никаков проблем, тогаш апсолутно поддржувам. Јас немам двојно државјанство ниту, пак, имам намера да имам двојно државјанство. Моето државјанство е македонско и да, нека се прошири ако тоа го дозволуваат законот и Уставот, јас немам ништо против – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по увидот во реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е и професорка по Уставно право, изјави дека со закон може да се ограничи двојното државјанство, но порача тоа да не биде само за пратениците, туку и за извршната власт, односно за министрите и за претседателот на државата.
Неодамна во парламентот пратениците од владејачката коалиција поднесоа предлог-закон пратениците да не може да имаат двојно државјанство, а веднаш потоа СДСМ поднесе друг предлог, со кој се бара ограничувањето да се прошири и на министрите и на вицепремиерите и да почне да важи веднаш.