СКАНДАЛ СО ЛИЧНА АСИСТЕНЦИЈА Тројца „асистенти“ лажеле со години, над 400.000 денари „испариле“ од буџетот
Наместо да им помагаат на лица со попреченост, пријавените прикажувале лажни часови и наплатувале услуги што не ги извршувале
Три лица од Штип се пријавени за злоупотреби поврзани со услугата лична асистенција за лица со попреченост, откако со години прикажувале дека работат повеќе отколку што навистина извршувале.
Според информациите од полицијата, станува збор за лица на возраст од 50, 57 и 44 години, кои како сертифицирани асистенти биле ангажирани преку Црвениот крст и работеле со корисници од Штип, Свети Николе и Кочани.
„Иако не ги извршувале услугите во целост, тие редовно поднесувале извештаи со невистинити податоци за бројот на работни часови. На тој начин, успевале да наплатат средства за услуги што делумно или воопшто не биле реализирани. Документацијата потоа се доставувала до надлежните институции, врз основа на што се вршела исплата“, информираат од МВР.
Според истрагата, едно лице се стекнало со над 162.000 денари, при што предизвикало штета од околу 218.000 денари. Второто лице прибавило речиси 130.000 денари, со штета од околу 175.000 денари, а пак третото лице незаконски добило над 15.000 денари.
Вкупната штета направена на буџетот изнесува над 415.000 денари.
„Против осомничените е поднесена кривична пријава, а случајот е предаден на обвинителството. Се очекува по целосно расчистување да бидат преземени понатамошни мерки“, велат од полицијата.