ШПАНИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА ИТАЛИЈА СО РЕЦИПРОЧНИ МЕРКИ Мадрид бара од Рим да ги укине граничните контроли
Шпанската влада ја обвини Италија дека вовела неправедни и дискриминаторски гранични контроли и побара тие да бидат укинати до 9 август, во спротивно најавува реципрочен одговор.
Шпанија денеска ја предупреди Италија дека ќе преземе реципрочни мерки доколку Рим до 9 август не ги укине граничните контроли за патниците од Шпанија, воведени поради мигрантската криза во Сеута, објави бриселскиот портал Политико.
Италија повторно воведе гранични контроли со Шпанија на 1 август, привремено суспендирајќи ја примената на Шенгенскиот договор, кој овозможува патување без пасош низ 29 европски држави.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, изјави дека мерката била неопходна за заштита на безбедноста на италијанските граѓани и за одбрана на европските граници.
„Мерката што ја усвои италијанската влада е неправедна, спротивна на интересите на Европската Унија и дискриминаторска кон шпанските граѓани“, се наведува во соопштението на шпанската Влада, во кое се критикува одлуката на Рим.
Мадрид посочи дека Италија ја критикува шпанската политика кон мигрантите, иако самата не успеала соодветно да ги заштити сопствените граници.
„Иако Италија е земјата членка на ЕУ која во последните години бележи најголем број илегални преминувања на границата, понекогаш и двојно повеќе отколку Шпанија, Шпанија никогаш не вовела контроли за патниците што доаѓаат од Италија“, се изнесува во соопштението.
Шпанската влада ѝ даде на Италија рок од два дена да ги укине граничните контроли или да се соочи со реципрочни мерки за заштита на интересите и достоинството на шпанските граѓани.
„Владите треба да работат на промовирање на меѓусебното разбирање меѓу државите и да им служат на општите интереси на своите граѓани, наместо да создаваат поделби и бесмислени конфликти поттикнати од внатрешнополитички предизборни пресметки. Веруваме дека европскиот дух, здравиот разум и добрата волја ќе надвладеат“, се додава во соопштението на шпанската Влада.