ШЕНГЕН-ПРАВИЛАТА НЕМА ДА СЕ МЕНУВААТ Европската комисија сепак е свесна дека возачите на камиони треба да имаат подолг пристап во зоната
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт нагласи дека системот за влез-излез не воведува никакви нови правила или нови барања во врска со должината на краткорочните престои во Шенген зоната.
Шенген-правилата нема да се променат, иако официјалните лица се свесни дека одредени категории, вклучувајќи ги и професионалните возачи на камиони, се соочуваат со проблеми при влегување и излегување од европските земји кои се дел од зоната на слободно движење, изјави портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт.
Тој рече дека Европската комисија „е свесна дека одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници треба да имаат пристап до Шенген зоната повеќе од 90 дена во период од 180 дена“.
– Ова се однесува на професии кои бараат висок степен на мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја – рече Ламберт.
Тој нагласи дека системот за влез-излез не воведува никакви нови правила или нови барања во врска со должината на краткорочните престои во Шенген зоната, но додаде дека Комисијата останува отворена за дискусии за решенија за професионалните возачи, но дека постојните Шенгенски правила ќе продолжат да важат.
-Продолжуваме да соработуваме со нашите партнери од Западен Балкан – рече Ламерт, додавајќи дека Комисијата во неколку наврати разговарала за ова прашање и со претставници на транспортниот сектор.
Изјавата доаѓа откако неколку стотици превозници протестираа вчера во Скопје, Сараево, Белград и Подгорица пред зградите на делегациите на ЕУ.
Превозниците бараат решение за прашањето за нивниот престој и работа во ЕУ, имено професионалните возачи да добијат услови за престој прилагодени на спецификите на нивната работа и правилото да не важи за нив 90 дена во рок од 180 дена.
На последниот протест превозниците најавија затворање на границите кон Унијата.