СДСМ И ДУИ ЗЕЛЕ 4,6 МИЛИОНИ ЕВРА ПРОВИЗИИ ЗА НЕЗАВРШЕНА ЖЕЛЕЗНИЦА Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика обвинителството да отвори истрага
ВМРО-ДПМНЕ за обвинувањата се повикува на извештајот на државниот завод за ревизија во кој е утврдено неефикасно управување со стратешките проекти за време на владеењето на СДСМ и ДУИ.
Државата плаќала 4,6 милиони евра провизии за неповлечени средства додека железничкиот Коридор 8 со години стоел незавршен, реагира денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ по објавениот извештај на државниот ревизор во кој е утврдено неефикасно управување со стратешките проекти за време на владеењето на СДСМ и ДУИ.
– Ова е сериозен скандал и резултат од неодговорното управување на СДС И ДУИ со стратешките инфраструктурни проекти. Првата и втората фаза не биле завршени, роковите биле пробиени, а наместо железничка инфраструктура граѓаните добиле милионски трошоци и нови долгови. ДЗР констатирал неефикасно управување, a дополнително предупредил и ризик од губење на 61 милион евра европски грант за третата фаза на железничкиот Коридор 8 – велат од партијата.
Оттаму прашуваат кој е одговорен за овие пропусти? Кој дозволил државата да плаќа милиони евра провизии? И кој ќе одговара ако со нечие постапување или непостапување е нанесена штета на државниот буџет?
ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да постапи по наодите на ДЗР.
– Да се испитаат сите одлуки, договори, постапки и одговорни лица и да се утврди дали има основа за кривична одговорност.- велат од ВМРО-ДПМНЕ.