САМО НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ ПРЕД СМРТТА БИЛА НА РЕХАБИЛИТАЦИЈА Таткото на Хајден Панетиер откри дека актерката поминала две до три недели во установа во Малибу

Хајден Панетиер била на рехабилитација во Малибу само неколку недели пред смртта. Нејзиниот татко открива дека поминала две до три недели во установа, а извештајот открива и дека претходно ѝ бил даден Наркан по предозирање.

0

Само неколку недели пред ненадејната смрт, Хајден Панетиер повторно побарала помош за зависноста. Новите детали од извештајот на канцеларијата на медицинскиот истражител во округот Гринвил откриваат дека актерката неодамна била пуштена од установа за лекување зависност во Малибу, Калифорнија. Според сведочењето на нејзиниот татко Скип Панетиер, таа таму поминала две до три недели.

Информацијата ја потврдил и еден од браќата Хикерсон, чие име во извештајот е затемнето. Тој им кажал на истражителите дека Хајден до пред неколку недели била во рехабилитациски центар во Малибу. Во извештајот се наведува и дека актерката имала долга историја со дрога, алкохол и азотен оксид, а истиот човек рекол дека во минатото морал да ѝ даде Наркан – лек кој се користи за брзо поништување на ефектите од предозирање со опиоиди.






Нејзиниот татко пред истражителите рекол дека Хајден се борела со зависност уште од раните дваесетти години и дека низ годините престојувала во повеќе установи за рехабилитација. Тој исто така навел дека нејзините проблеми со зависноста се влошиле по раѓањето на нејзината ќерка Каја во 2014 година и дека тогаш страдала и од постпородилна депресија. Актерката ја доби ќерката Каја со поранешниот свршеник, украинскиот боксер Владимир Кличко.

Според извор близок до актерката, кој разговарал со E! News, Хајден сама и дискретно побарала третман затоа што се плашела дека повторно ќе почне да користи супстанции и дека ќе ја загрози својата трезвеност. Од установата била пуштена околу три недели пред смртта. Овој детал се совпаѓа со информациите во извештајот дека неодамна била пуштена од рехабилитација.

На 16 август, Хајден беше пронајдена без свест во стан во Гринвил, Јужна Каролина, каде престојувала со Брајан Хикерсон и неговиот брат Зак. Според извештајот, еден од нив последен пат ја видел околу 10:30 часот, додека се шминкала, по што се вратил во кревет. Подоцна ја нашле без свест. Брајан ѝ дал две дози Наркан и повикал итна помош, но обидите за реанимација не успеале.

Во станот истражителите пронашле сини таблети кои изгледале како пресувани апчиња, а тестирањето покажало дека содржат фентанил. Пронајдена била и сламка, како и бел прав во кутија за очила во нејзиниот куфер. Во извештајот се наведуваат и повеќе шишенца со лекови, како и други предмети поврзани со употреба на супстанции.

На 22 септември канцеларијата беше официјално соопштено дека Хајден починала од токсичните ефекти на фентанил, 4-ANPP, алпразолам, метокарбамол и кветиапин. Начинот на смртта е прогласен за несреќен случај, а обдукцијата не покажала траума која би придонела за смртта. Сепак, полицијата во Гринвил соопшти дека нејзината истрага сè уште е активна и дека случајот не е затворен.

Особено потресен е податокот дека Хајден имала планови за само неколку дена подоцна. Според нејзиниот татко, во Гринвил требало да го прослави својот 37. роденден на 21 август, а потоа планирала да отпатува во Украина за да ја посети 11-годишната Каја.

Хајден Панетиер стекна светска слава како Клер Бенет во серијата „Херои“, а голем успех постигна и со улогата на Џулиет Барнс во „Нешвил“, за која двапати беше номинирана за Златен глобус. Играше и во филмовите „Remember the Titans“, „Bring It On: All or Nothing“, „Scream 4“ и „Scream VI“. Во мај годинава, само неколку месеци пред смртта, ги објави мемоарите „This Is Me: A Reckoning“, во кој отворено пишуваше за зависноста, закрепнувањето, постпородилната депресија и најтешките периоди од својот живот.

Поврзани содржини