САД ГО ВРАЌААТ СТРЕЛАЊЕТО ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА ФЕДЕРАЛНАТА СМРТНА КАЗНА Ќе се поедностават процедурите за да се забрза казната
Претходната администрација не успеа во својата должност да го заштити американскиот народ со тоа што одби да спроведе и да изврши најстроги казни против најопасните криминалци, вклучувајќи терористи, убијци на деца и убијци на полицајци, вели вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланш.
Министерството за правда на САД објави планови за забрзување на спроведувањето на федералните смртни казни, како и за проширување на методот на егзекуција, кој ќе вклучува стрелачки одреди, покрај протоколот за смртоносна инјекција.
Одлуката означува пресврт на политиката на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден за постепено оддалечување од употребата на смртна казна на федерално ниво, објави Си-Ен-Ен.
Пет американски држави моментно дозволуваат егзекуции со стрелачки одред за осудени криминалци кои ги исцрпиле сите правни лекови. Во март, човек осуден за двојно убиство беше егзекутиран во Јужна Каролина со стрелање, што беше четврта таква егзекуција во САД од 1970-тите.
Вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланш изјави дека претходната администрација не успеала во својата должност.
– Претходната администрација не успеа во својата должност да го заштити американскиот народ со тоа што одби да спроведе и да изврши најстроги казни против најопасните криминалци, вклучувајќи терористи, убијци на деца и убијци на полицајци. Под водство на претседателот Доналд Трамп, Министерството за правда повторно го спроведува законот и стои на страната на жртвите – рече Бланш.
Министерството наведе дека сака да го забрза и да го поедностави процесот на смртната казна, за да се намали бројот на години помеѓу пресудата и извршувањето на казната..
Министерството додаде и дека за време на мандатот на Бајден, Министерството за правда поништило голем дел од работата извршена под првата администрација на претседателот Доналд Трамп во врска со проширувањето на извршувањето на смртната казна во федералните случаи.