УАПСЕНИ ПЕТМИНА ДЕРМАТОЛОЗИ ОД ДРЖАВНИТЕ КЛИНИКИ И ОД ПРИВАТНА ОРДИНАЦИЈА Набавувале фалсификувани филери и ботокс, вршеле нелегални третмани

Акцијата, во која неофицијално се уапсени 10 лица, денеска ја спроведе оделот за организиран криминал при БЈБ на МВР. 

69

Петмина лекари се под сомнение дека нелегално увезувале и дистрибуирале фалсификувани производи за естетски третмани, како ботокси, филери и други препарати и дека вршеле нелегални медицински третмани. Четворица од лекарите, според неофицијални информации, се дерматолози од државното здравство, а еден е од приватна ординација.

Акцијата, во која неофицијално се уапсени 10 лица, денеска ја спроведе оделот за организиран криминал при БЈБ на МВР.

Координираната акција е извршена на повеќе локации низ државата, во Скопје, Струмица и во Битола. Извршени се претреси, меѓудругото, и во домовите на лицата опфатени во предметот. При претресите се пронајдени и одземени поголемо количество на лекови и медицински помагала, едно луксузно возило, парични средства, парфеми, телефонски апарати и друго.

Сомневањата се дека групата била поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на фалсификувани ботокси, филери и други медицински препарати, кои биле внесувани во Македонија преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција и Србија. Производите, според информациите, немале соодветна контрола, дозволи ниту регистрација, а потоа биле пласирани на пазарот.

Овие препарати, кои често се користеле под превезот на естетски третмани, наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици – инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на граѓаните.

Надлежните сè уште не соопштуваат детали за акцијата и за уапсените. Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.

Поврзани содржини