САД ДОЗВОЛИЈА ДА СЕ КУПУВА РУСКА НАФТА НАТОВАРЕНА НА ТАНКЕРИ Обид да се ограничи покачувањето на глобалните цени на енергијата
Американското Министерство за финансии дозволи купување нафта натоварена на танкери до 16 мај.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот го продолжила за еден месец исклучокот од забраната за купување санкционирана руска нафта и нафтени производи натоварени на бродови на море. Потегот е обид да се ограничи порастот на глобалните цени на енергијата, кои достигнаа рекордни максимуми за време на американско-израелската војна против Иран.
Американското Министерство за финансии дозволи купување нафта натоварена на танкери од 17 април до 16 мај, продолжувајќи го првичниот рок што истече на 11 април, според документ објавен на веб-страницата на министерството.
Продолжувањето на мерката доаѓа два дена откако американскиот секретар за финансии Скот Бесант изјави дека Вашингтон нема да го обнови ослободувањето што им овозможува на земјите да купуваат руска нафта без да ризикуваат санкции од САД.
Пратеникот на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, претходно изјави дека првично исклучокот од забраната ќе ослободи околу 100 милиони барели руска сурова нафта, количество што е речиси еднакво на дневното глобално производство.
Иако привременото олеснување од санкциите би можело да ги зголеми глобалните залихи на нафта, тоа не го спречи зголемувањето на цените на горивата поради делумното затворање на Ормусиот Теснец, низ кој пред војната во Иран минуваше околу 20 отсто од дневниот светски извоз на нафта и на гас.
Ослободувањето може да ги комплицира напорите на Западот да ја лиши Русија од приходи за нејзината војна во Украина и да го доведат Вашингтон во конфликт со своите сојузници, забележуваат британските медиуми.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не е вистинско време за ублажување на санкциите врз Русија.