„СЀ БИ ДАЛ ДА МОЖАМ ДА ГИ ВРАТАМ МОЕТО ДЕТЕ И МОЈАТА СОПРУГА“ Одбраната на Стојанче бара да биде ослободен од обвинението за наведување на самоубиство

Адвокатот Митко Солаков, бранител на Стојанче, во завршниот збор рече дека се сомнева дека судот ќе донесе правилна одлука под влијание на јавноста и на медиумите.

2

Одбраната на обвинетиот Стојанче Јовановски денеска побара тој да биде ослободен од обвинението за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана.

– За критичниот ден за делото Телесна повреда, нема материјален доказ во вид на лекарски извештај. Телесната повреда се докажува исклучиво со медицинска потврда. Јавното обвинителство се обидува да ја докаже со искази од сведоци и од вештачења. Вештаците не потврдија со сигурност дека повредите настанале на критичниот ден, рекоа дека повредите се како резултат на стисок и нагмечување. Доказите не се непосредни. Сведоците рекоа дека нешто слушнале, а не виделе. Тоа беа посредни сведочења, индиректнни, со прекажување. Одбраната тврди дека Обвинителството не ја докажа оваа точка од обвинението, затоа што не го докажа каузалитетот, не докажа како, кога, во кое време извршил телесна повреда. Наспроти тоа, обвинетиот јасно кажа кои се неговите дејствија, а кои се дејствијата на Мартин Саздов. Повредите на Ивана се од стисок на Мартин, а не од удар на Стојанче. Предлагам судот да изврши темелен увид во доказите – рече адвокатот на Јовановски, Давор Ангелевски во завршните зборови.

За делото Загрозување на сигурноста, одбраната на Стојанче смета дека е дискутабилно постхумно да се стави на товар ова дело и дека не може да се докаже дека постапката на Ивана е последица на однесувањето на Стојанче.

– Не може да му се стави на товар и делото Наведување и помагање во самоубиство. Законот и описите на битието на кривичното дело мора да се прецизно опишани и определени сите негови посебни обележја. Кривичното дело по член 128, став 4, Наведување на самоубиство, прецизно опишува кои дејствија треба да се застапени – тоа е сурово и нечовечко постапување, а жртвата мора да е во подреден однос и во зависна положба кон сторителот. Ова е неопходен услов за да го има ова дело, кое произлегува од објективната поставеност на односот, а во никој случај од однос кој е конструиран. Законодавецот е јасен, положбата на зависност е однос меѓу сторителот и определена категорија луѓе, кои поради природата на односите се такви – тоа е однос меѓу родител и дете или работодавач и вработен итн., а не е однос меѓу маж и жена, која е работоспособна и работи и не е под издршка. Мажот и жената според законот се еднакви. Апсурд би било да толкуваме дека во овој случај жртвата била зависна и подредена, а намерата на Обвинителството дека односот бил таков поради даден дар на стан не држи. Дарот е даден доброволно. И да бил земен на сила, а не е, тоа дејствие не е подреденост и зависност. Тоа зависи од други фактори и од својствата на жртвата, а никако не зависи од дејствијата на сторителот или дејствијата на жртвата. Одредбата е дека „се наоѓа во зависна положба“, а не вели дека „се нашле во таква состојба“ и тоа значи дека сторителот не е креатор на таа положба. Подреденоста е строго хиерархиски поставен однос меѓу наставник-ученик, старешина-војник, работодавец-вработен. Под однос на зависност, пак, се односот се родител-дете, хранител-храненик и сл., односно, тоа е лице кое не може само да се грижи за себе. И овој однос произлегува од состојбата на субјектите, а не од нивните дејствија. Ова е комплексно дело и не може да опстане во овој случај. Ако му се стави на товар на обвинетиот тоа е крајно неточно толкување на законот. Бараме Стојанче Јованов да биде ослободен од ова обвинение – рече Ангелевски.

Адвокатот Митко Солаков, бранител на Стојанче, во завршниот збор рече дека се сомнева дека судот ќе донесе правилна одлука под влијание на јавноста и на медиумите.

– Покрај овластениот обвинител, кој ги застапува оштетените, во овој случај имаме паралелни обвинители, а тоа е јавноста, која преку медиумите, порталите и Фејсбук, дава ставови и мислења кои пијат вода или не пијат вода. Јас сум убеден дека овој суд нема да е детерминиран од мислењето на јавноста, ќе биде резистентен и ќе донесе самостојна одлука. Сепак, судот е човечко битие, а сум убеден, колку и да не сака, е детерминиран од јавното мислење и имам едно основано сомнение дека истиот, од некое влијание би донел некоја одлкука која нема да биде својствена за оваа состојба. Кога една вештачка интелигенција ќе биде судија, таа би судела без емоции и ќе лоцира според законските одредби и би донела законита одлука. Евидентно е дека Стојанче бил насилен и тоа е факт. За точка 1 и 2 има докази. Јас не сакам да бидам будала пред овој суд и да истакнувам за невиноста на Стојанче за точка 1 и 2 од обвинението. Има материјални и вербални докази за неговата суровост кон жртвата. Но, не можеме само да го црниме Стојанче. Има една бела точка, тоа е љубовниот триаголник, кој во овој случај е лицето Мартин Саздов, сведокот, кој глумеше лудило пред овој суд, а мислам дека Обвинителството требаше паралелно и него да го обвини и кој имаше значителен придонес за точка 3 од обвинението. Глумењето дека бил пријател на жртвата е чиста фантазија, тој бил љубовник и како се замислува Стојанче да биде рамнодушен кон Мартин и кон жртвата? Јас ценам дека жртвата во критичниот ден и за критичниот настан била доведена во безизлезна состојба. А каде се наоѓа таа безизлезност? Точно во љубовниот тиаголник. Ако сведокот Мартин не бил во тој триаголник, жртвата не би се довела во таква безизлезна состојба и не би направила таков чекор. Убеден сум дека нема да ги примите моите наводи и ќе судите за сите 3 точки, но апелирам да ги примените и правото и правдата – рече адвокатот Солаков.

На крајот се изјасни и обвинетиот Стојанче Јовановски.

– Молам да се земат исказите на сведоците со претпазливост, бидејќи смислено, контрадикторно и тенденциозно ги кажуваат, при што за иста ситуација во која не биле присутни даваат различни искази. А јасно се изјаснија дека се во роднинска врска со Ивана, а се во лоши односи со мене. Мојата сопруга не беше подредена, имаше финансиско и станбено решение и не била присилена од мене во никаков аспект да направи ваква трагедија. Не сум ја поттикнувал, ниту сум ја охрабрувал, ниту сум можел да го предвидам исходот, бидејќи не сум бил свесен дека оваа трагедија некогаш може да се случи. Никогаш немаше да ги оставам сами во нашиот стан да не бев присилно изваден од станот од страна на Мартин Саздов. Сметам дека оваа трагедија не е предизвикана од моја страна. Немам пораки кон мојата сопруга Ивана со закани, ниту пораки каде вршам притисок кои би влијаеле на трагичниот исход. Моето дете е убиено, без никаква шанса да одлучува за сопствените постапки – рече Стојанче и заплака.

Тој повтори дека повредата на десната страна на долната регија од вилицата на Ивана е нанесена од Мартин Саздов.

– Јас реков дека во неговото возило, додека Ивана седеше позади него, тој замавна со неговата десна рака во нејзината десната страна од лицето. Исто така, вештите лица за другите повреди констатираа дека се постари од 2 до 3 дена. Во тој период, како што реков, биле нанесени од Мартин Саздов, кога ги прочитал пораките меѓу мене и Ивана, кои Ивана ми ги пишуваше и кои се уште во мојот телефон. Изјавувам дека на самиот критичен ден и пред училиштето Нова и пред кривичниот суд Ивана во неколку наврати ме оттргнуваше настрана од Мартин и ми кажуваше дека ѝ се заканувал со одземање на Катја, како што еднаш се обиде да го направи во „Песталоци“, како што посведочи и наставничката, дека непознато лице се обидело да ја земе мојата ќерка од училиште. Истиот ден Мартин ми ги покажуваше нивните видеоклипови со експлицитна содржина. Не сум се однесувал нечовечки и сурово кон мојата сопруга, со намера да ја доведам до овој трагичен исход. Сведоците во оваа постапка покрај заклетвата дека ќе ја говорат вистината, го сторија спротивното, со цел да ме оцрнат и да ме претстават за личност каква не сум. Во сведочењето Александар Стојановски, братот на мојата сопруга, јасно изјави дека Ивана имала станбено решение и дека нивните детски соби биле уредени за живот на мојата сопруга и мојата ќерка. Сѐ би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга. Побарувањето од мајката и од братот без проблем ќе го исполнам, бидејќи материјалното ништо не ми значи – рече Стојанче.

Судијата Ивица Стефановски ќе ја изрече пресудата на 7 мај во 10.30 часот

Поврзани содржини