СПЕЦИЈАЛНА ИТ-АЛАТКА ДАДЕ ДЕТАЛНИ ПОДАТОЦИ ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ Усвоен Годишниот извештај за реформи во администрацијата

Минчев истакна дека во текот на 2025 година е остварен значителен напредок во повеќе приоритетни области, вклучително и креирањето политики, управувањето со човечки ресурси, зголемувањето на транспарентноста и дигитализацијата на услугите.

57

Годишниот извештај за реформи во администрацијата за прв пат е подготвен со користење на унапредена и модернизирана ИТ-алатка за прибирање и следење на податоци, што овозможува попрецизно, транспарентно и навремено следење на реформските активности – рече министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешната, четврта по ред, седница на Советот за реформа на јавната администрација, со која претседаваше премиерот Христијан Мицкоски.

На седницата беа разгледани и усвоени повеќе значајни точки од дневниот ред, меѓу кои Годишниот извештај за 2025 година за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација (2023–2030) со Акцискиот план, како и Извештајот за јавната администрација, согласно препораките од оценската мисија на СИГМА од 2024 година.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев ги презентираше клучните наоди од двата извештаи, при што се осврна на постигнатиот напредок во спроведувањето на реформските активности, степенот на реализација, како и на предизвиците со кои се соочуваат институциите во процесот.

Минчев истакна дека во текот на 2025 година е остварен значителен напредок во повеќе приоритетни области, вклучително и креирањето политики, управувањето со човечки ресурси, зголемувањето на транспарентноста и дигитализацијата на услугите, што придонесува за унапредување на квалитетот и ефикасноста на јавната администрација.

– Советот за реформа на јавната администрација има суштинска улога во обезбедувањето координиран и одржлив пристап кон реформите, преку заедничка одговорност и јасна насоченост кон резултати – истакна министерот Минчев.

Советот ги усвои и заклучоците со кои се задолжуваат надлежните институции да продолжат со ревидирање на активностите во Акцискиот план, како и со навремено внесување и ажурирање на податоците во системот за следење на имплементацијата на Стратегијата.

Поврзани содржини