РЕКАТА РАЈНА ДОСТИГНА ИСТОРИСКИ МИНИМУМ ОД 67 САНТИМЕТРИ Вонредна ситуација прогласена во делови од Војводина

Товарните бродови повеќе не можат да пловат по Рајна целосно натоварени, што ги принудува да ја превезуваат стоката на неколку пловила. Тоа ги зголемува трошоците за транспорт и дополнително ја оптоварува веќе и онака разнишаната економија.

1

Нивото на реката Рајна кај Келн го достигна историскиот минимум од 67 сантиметри, а слична е ситуацијата и на другите мерни локации, соопшти денеска германската Управа за водни патишта и бродарство.

Низводно, во Дуизбург-Рурорт, водостојот на Рајна за првпат падна на своето рекордно ниско ниво од 153 сантиметри, накратко дури и малку под тоа, но нивото на водата повторно почна да расте, пренесува неделникот „Шпигл“. Спротивно на предвидувањата на експертите, засега не се очекува водостојот на Рајна повторно да падне под ова ниво. На важните стеснувања на токот на Рајна кај Кауб, во близина на Кобленц, нивото на водата беше само 25 сантиметри.






Товарните бродови повеќе не можат да пловат по Рајна целосно натоварени, што ги принудува да ја превезуваат стоката на неколку пловила. Тоа ги зголемува трошоците за транспорт и дополнително ја оптоварува веќе и онака разнишаната економија. Иако проблемот со нискиот водостој не е нов за германските претпријатија, неговата рана појава оваа година е особено необична, изјави портпаролот на Индустриската и трговска комора (ИХК) во Северна Рајна-Вестфалија.

Го нема ни убавиот син Дунав

Вонредна ситуација е прогласена во делови од Војводина поради историски ниското ниво на Дунав, а на одредени делници реката веќе може и да се препешачи. Хидрометеоролозите предвидуваат дека во наредните денови ќе опадне за уште десет до 15 сантиметри, додека водостојот кај хидроелектраната „Ѓердап“ речиси е на најниската кота во својата историја.

За тоа зошто нивото на Дунав е екстремно ниско веќе на крајот на јули, РХМЗ (Републички хидрометеоролошки завод) нема добри вести.

– Најниските водостои обично се бележат на крајот на август, а оваа година екстремно ниски нивоа се забележани веќе на крајот на јули. Причината е повеќемесечниот дефицит на врнежи и многу малите залихи на вода во снежната покривка во текот на зимата – наведува хидрологот Дејан Владиковиќ.

РХМЗ уште пред еден месец издала предупредување за ниски пловидбени нивоа, а на потегот на Дунав од Бездан до Богојево веќе се забележани историски минимуми во последните 50 години мерења.

Падот на водостојот продолжува

Хидролошките модели не укажуваат на позначајно подобрување во текот на август.

– Очекуваме само спорадични врнежи, кои нема да бидат доволни за закрепнување на водостојот. Во наредните десетина дена на делот од Дунав од Бездан до Богојево можен е дополнителен пад од десет до 15 сантиметри, што дополнително ќе ја отежне ситуацијата – наведе Владиковиќ.

Предводник на ниските водостои не е само сушата во Србија, туку недостигот на врнежи во речиси целиот слив на Дунав.

– Изразена суша трае од мај во јужна Германија, Австрија, Словачка, Чешка и особено Унгарија. Во Србија, јужно од Сава и Дунав, имаше нешто повеќе врнежи, но тие не беа доволни за да ја подобрат состојбата – објасни Владиковиќ.

Тој додаде дека дополнителен проблем е тоа што од февруари количината на вода во снежната покривка била под повеќегодишниот просек. Говорејќи за долгорочните трендови, Владиковиќ оцени дека климатските промени доведуваат до сè почести хидролошки екстреми.

– Стручната јавност со години предупредува дека ваквите појави сè почесто ќе се сменуваат, од нагли и разорни поплави до екстремно ниски водостои. Поради тоа е неопходно прилагодување кон климатските промени и подигнување на свеста за нивните последици – заклучи Владиковиќ.

 

Поврзани содржини