ПУТИН ИМА НЕОЧЕКУВАН „СОЈУЗНИК“, НО НЕ МОЖЕ ДА ГО КОНТРОЛИРА Нискиот Дунав e пречка за извозот на Украина
Ниското ниво на реката Дунав го отежнува транспортот додека Русија ги засилува нападите врз украинските пристаништа и транспортни врски. Сепак, Москва не може да ги контролира текот на сушата и климатските промени.
Претседателот на Русија Владимир Путин добил неочекувана помош во притисокот врз украинскиот извоз. Не станува збор за држава, армија или за политички сојузник. Станува збор за големите суши низ Европа.
Ниското ниво на реката Дунав почна да го отежнува транспортот токму кога Украина повторно силно зависи од алтернативните извозни правци. Русија истовремено ги засили нападите врз пристаништата и врз транспортната инфраструктура на југот на земјата.
Сепак, Путин не може да ја контролира сушата, а нејзините последици не секогаш му одат во прилог, анализира Њузвик.
Испливуваат старите бродови
Колку е ниско нивото на реката покажа необична сцена кај српското пристаниште Прахово. Од Дунав повторно се појавија ‘рѓосаните остатоци од германски воени бродови.
До 200 бродови биле потопени таму во септември 1944 година. Германските сили тогаш се повлекувале пред советското напредување.
Осум децении подоцна, нискиот Дунав повторно станал дел од приказната за војна во Европа.
Реката е важна алтернативна рута за украинскиот извоз на жито. Особено кога руските напади го зголемуваат ризикот за пристаништата на Црното Море.
Сушата сега го стеснува и тој простор. Во Романија протокот на Дунав се намали до ниво кое сериозно ги нарушува транспортот и производството на електрична енергија.
Русија ги гаѓа излезите на море
Паралелно со сушата, Русија ја засилила кампањата околу Одеса.
Според податоците наведени од Њузвик, Украина во јули регистрирала 35 напади врз бродови во пристаништата. Уште 22 биле регистрирани врз бродови на море и 67 врз пристанишни објекти.
Руските сили на 9 август го погодиле и мостот Мајаки. Тој ја поврзува областа на Одеса со правецот кон Молдавија и кон Романија.
Според Институтот за проучување на војната, целта веројатно била нарушување на копнениот коридор. Неговата важност расте кога поморскиот извоз се намалува.
Путин не може да го контролира „сојузник“
Украина во текот на војната изгради резервни решенија. Кога пристаништата се загрозени, зсемјата бара нови извозни патишта. Кога производството на струја е погодено, Украина се потпира на увоз.
Сега екстремната топлина и сушата ги ставаат под притисок дел од тие алтернативи токму кога Киев има најголема потреба од нив.