КРАЈ НА СУДСКАТА САГА МЕЃУ БЛЕЈК ЛАЈВЛИ И ЏАСТИН БАЛДОНИ Актерката барала повеќе од 8 милиони, ќе добие 400.000 долари за правните трошоци

Блејк Лајвли барала повеќе од 8 милиони долари за адвокатски трошоци од спорот со Џастин Балдони. Судијата ѝ одобри околу 407.000 долари.

0

Судската сага меѓу Блејк Лајвли и Џастин Балдони, која започна по снимањето на филмот „It Ends With Us“, доби уште еден епилог. Федералниот судија Луис Лиман одлучи дека Лајвли треба да добие 363.245 долари за адвокатски трошоци и уште 44.206 долари за судски расходи, односно вкупно околу 407.000 долари.

Сумата е многу помала од онаа што актерката ја бараше. Нејзиниот правен тим побарал повеќе од 8 милиони долари, од кои околу 7,5 милиони биле адвокатски хонорари, а околу 539.000 долари други трошоци поврзани со судската постапка. Судијата оценил дека адвокатските тарифи биле разумни, но дека бројот на пријавените работни часови бил прекумерен и дел од документацијата не била доволно поткрепена.






Спорот меѓу двајцата актери започна во декември 2024 година, кога Лајвли го обвини Балдони за сексуално вознемирување за време на снимањето на „It Ends With Us“, како и за одмаздничко однесување и организирање кампања за нарушување на нејзината репутација. Балдони ги негираше обвинувањата и тврдеше дека Лајвли се обидела да преземе контрола врз филмот.

Балдони и неговата продукциска компанија Wayfarer Studios потоа поднесоа сопствена тужба против Лајвли и нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс, обвинувајќи ги за клевета, изнуда и други прекршоци. Судијата во јуни 2025 година ја отфрли нивната тужба. Подоцна беа отфрлени и повеќето од главните тврдења на Лајвли.

Двајцата на почетокот на мај 2026 година постигнаа вонсудска спогодба, само неколку недели пред почетокот на планираното судење. Финансиските услови на спогодбата не беа објавени, но според достапните информации ниту Лајвли ниту Балдони не добиле пари од самата спогодба. Прашањето за адвокатските трошоци останало да се реши одделно.

Во својата најнова одлука, судијата објаснил дека Лајвли немала право на целокупниот износ што го побарала. Законот на Калифорнија на кој се повикал нејзиниот правен тим дозволува надомест на одредени трошоци за заштита од одмазднички тужби поврзани со пријавување сексуално вознемирување, но не ги покрива сите трошоци направени во целокупната судска битка.

Адвокатите на Лајвли, сепак, одлуката ја прогласија за важна, бидејќи според нив ова е првпат според овој закон да биде досуден паричен надомест за адвокатски трошоци. Од тимот на Балдони, пак, одлуката ја нарекоа значајна победа, особено затоа што Лајвли добила околу пет проценти од сумата што првично ја барала.

Со оваа одлука практично е затворено и последното отворено финансиско прашање од 18-месечната правна битка меѓу актерите. Самата спогодба од мај веќе ги прекина останатите судски постапки.

Поврзани содржини