РАСКИНАТ ДОГОВОРОТ ЗА ЛУНА ПАРКОТ ВО СКОПЈЕ „Мастеф“ требаше да го реновира за 10 милиони евра
Предмет на договорот беше проектирање, набавка и монтажа на 16 забавни реквизити, како и партерното уредување и изградбата на придружни објекти.
Град Скопје го раскинал договорот за изградба на новиот Луна парк со фирмата „Мастеф“ ДООЕЛ Скопје, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки. Во објавеното известување е наведено дека договорот е раскинат на 17 август годинава, без да биде објавено образложение за причините.
Договорот беше склучен на 6 мај 2026 година, во вредност од 621.007.264 денари, односно околу 10,1 милион евра. Информацијата за раскинувањето стана јавна деновиве, откако ја објавија повеќе медиуми.
Предмет на договорот беше проектирање, набавка и монтажа на 16 забавни реквизити, како и партерното уредување и изградбата на придружни објекти. Меѓу предвидените атракции беа ролеркостери, панорамско тркало, пиратски бродови, рингишпил и други реквизити за деца и возрасни.
Работите требаше да ги изведува група економски оператори во која биле „Мастеф“ и „Пирамид Билдинг Солушнс“, заедно со „Жикол“ и „Геоконтрол“ како подизведувачи. Договорот беше со времетраење од 36 месеци.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски претходно најавуваше дека новиот Луна парк ќе биде готов до крајот на 2027 година. Тоа беше јавно најавениот рок, додека рокот наведен во договорот беше три години. Град Скопје досега не објави причина за раскинувањето.