РАНЦИТЕ И ТЕТРАТКИТЕ ПОД ЛУПА ПРЕД ПРВИОТ УЧИЛИШЕН ДЕН Трговците мора да ги намалат цените, следуваат и високи казни

ДПИ започна контроли низ продавниците, а трговците мора да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 проценти на големо и 15 проценти на мало

0

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) спроведува контроли на трговците низ државата за да провери дали ги почитуваат владините мерки за намалување на цените на училишниот прибор.

Според одлуката на Владата, цените на училишниот прибор треба да бидат намалени за најмалку 10 проценти во трговијата на големо и за најмалку 15 проценти во трговијата на мало. Мерката се применува од 25 август и ќе важи до 30 септември 2026 година.






Од ДПИ потсетуваат дека трговците на мало се должни производите опфатени со одлуката јасно да ги обележат со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

Покрај тоа, кај производите треба да бидат наведени и претходната продажна цена, односно цената врз основа на која се пресметува намалувањето, како и новата, намалена цена.

За производите опфатени со мерката, највисоката дозволена цена се утврдува врз основа на цените што се применувале на 1 јуни 2026 година, при што цените во трговијата на големо мора да бидат намалени за најмалку 10 проценти, а во трговијата на мало за најмалку 15 проценти.

Ова се однесува на специјализираните продавници за училишен прибор, продавниците за спортска опрема што продаваат ранци и ташни, како и на сите трговци на мало во чиј асортиман има училишен прибор.

Исклучок има за производите набавени по 1 јуни. За нив, како основа се земаат цените евидентирани во материјалната евиденција кај трговците на големо и во приемниот лист кај трговците на мало. И овие производи мора да бидат поевтини за најмалку 10 проценти на големо и 15 проценти на мало.

Инспекторите во наредниот период ќе вршат контроли на целата територија на државата. Од ДПИ потсетуваат дека за непочитување на законските обврски се предвидени глоби од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на трговецот.

За целосно непочитување на владината одлука може да биде изречена и привремена забрана за вршење на дејност во траење од 15 дена.

Граѓаните кои ќе забележат неправилности можат да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата на Државниот пазарен инспекторат.

Мерката опфаќа голем број производи што се користат за почетокот на учебната година. На списокот се ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боички, пластелин, теста за моделирање, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои и четки.

Опфатени се и линијари, дидактички материјали, острилки, гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и други материјали потребни за изработка и подготовка за новата учебна година.

Поврзани содржини