ПОЛИЦАЕЦ ЌЕ МОЖЕ ИТНО ДА ГО ИЗБРКА НАСИЛНИКОТ ОД ДОМА! Нови овластувања во борбата со семејното насилство
Со новото овластување полицискиот службеник ќе може сторителот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата.
На денешната надзорна расправа во Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, посветена на семејното насилство и неговата превентива, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави измени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, особено во делот на итните и привремени мерки.
– Клучната промена е во воведување на ново полициско овластување со кое што полицискиот службеник врз основа на проценка од ризик и при утврдена јасно дефинирана непосредна опасност ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата, односно сторителот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата – рече министерот Тошковски..
Оваа мерка, според Тошковски, ќе се изрекува веднаш, без согласност од жртвата, може да трае до 48 часа, а потоа Судот ја потврдува, укинува или продолжува до 30 дена, мерка согласно Истанбулската Конвенција.
– Паралено со законските измени работиме да обезбедиме „боди-камери“ за полициските службеници затоа што во вакви постапки не е доволно само навремено да се интервенира, туку и поддеднакво е важно точно да се документира што се се затекнало на лице место, како постапила полицијата и каква фактичка состојба има при интервенција. Во пракса, тикму тука најчесто се отвора простор за различни толкувања или релативизирање на тоа што се случило – истакна Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговараше на поставени прашања од членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и нагласи дека според податоците од март системот почнува да се движи поинаку, институциите конечно почнуваат да го третираат овој огромен општествен проблем со сериозноста што одамна ја заслужува.
– Семејното насилство е проблем што со години бил јасно видлив и во институционалната пракса, но и во статистиката и предолго се третирал фрагментирано со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите – рече Тошковски.