ПРЕМИЕРОТ НЕЗАДОВОЛЕН ОД СУДСТВОТО Mицкоски бара расчистување на сите афери

Премиерот вели дека не е задоволен од состојбите во судството и обвинителството и очекува новиот државен јавен обвинител да ги отвори сите спорни случаи кои, според него, ја урнале довербата на граѓаните во правосудниот систем.

1

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека во Македонија сѐ уште нема вистинско владеење на правото и дека довербата на граѓаните во правосудниот систем останува на исклучително ниско ниво. Во интервју за Македонската телевизија, по повод две години од мандатот на Владата, тој порача дека не е задоволен од работата на правосудството и очекува целосно расветлување на сите афери кои, според него, оставиле сериозни последици врз судскиот систем.

– Мојот став е дека систематски владеењето на правото е проблем во перцепцијата на граѓаните, затоа што во суштина и немаме владеење на правото, туку имаме мешетарење во правото, за жал – вели Мицкоски.






Премиерот нагласи дека не е задоволен од правосудството, посочувајќи дека очекува расветлување на сите афери за што рече дека само на тој начин може граѓаните да размислуваат за промена на перцепцијата на довербата во судските органи.

– Три работи кои што се случиле во минатото создале таков проблем кој што оставил девастирачки последици на правосудниот систем и мислам дека уште некое време тоа ќе го чувствуваме. Првиот е оној период кога тогашната најголема опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ беше најголема опозициска партија вонпарламентарна, после изборите во 94тата година или оној познат избор на судии кој се случи во тој период на таа влада 94-98 година. Тоа беше еден целосен процес на партизирање на правосудството од страна на тогашната влада. Вториот проблем за кој ние мораме да сме свесни и да кажеме дека е имплант во правосудниот систем тоа е СЈО и сите оние состојби кои што му претходеа а потоа следеа. Му претходеа оние т.н пржински договори и преговори во едни други времиња помеѓу 2015-2016тата година, се изроди тој имплант, се создаде како некаков политички договор и компромис и потоа сето понатаму беше неправо – вели тој.

Мицкоски додава дека една друга влада таа институција ја користела да биде политичка алатка за вршење политички притисок врз неистомислениците во тоа време опозицијата или пак за реализирање на некакви лични или политички цели.

– Тука нема да ги коментирам начинот на кој што од затвор тогашната специјална јавна обвинителка практично ги пренесе ингеренциите на државното јавно обвинителство, па потоа претходниот државен јавен обвинител пред претходниот да бидам попрецизен ги пренесе тие овластувања до обвинителите кои што доаѓаа од тогаш веќе поранешното СЈО. Се сеќавате како дојде на голема врата поддржано со акламација од меѓународна заедница, во одредена мерка и финансирано од страна на меѓународна заедница со очекувања дека не знам што ќе се случува, дека тие луѓе кои што во суштина покажаа медиокритетски капацитет ќе донесат некаква правда и вредности. И сето сите ние знаеме како заврши тоа, а за да го покажат карактерот на ситни души се оние бонуси за кои до денешен останаа нерасветлени. Но, тоа нема да остане туку така и сега да се надоврзам на моите очекувања од сегашниот јавен обвинител, да поминат 100 дена кои што треба секој да ги добие на аклиматизација запознавање со средината и слично, очекувам да сите овие работи за кои сега зборував да бидат расветлени и да бидат пред јавноста обелоденети. Тогаш јавноста ќе може да почне да размислува за промена на перцепцијата, бидејќи ако останат неразјаснети и нерасчистени тогаш се плашам дека состојбата ќе биде уште полоша и довербата кон тие институции ќе биде уште помала од граѓаните – изјави Мицкоски.

Поврзани содржини