ПАДНАА СЕДУМ „КАУБОЈЦИ“ НА ПАТИШТАТА Дел од возачите биле пијани и без дозвола, еден направил и сообраќајка

Во текот на изминатото деноноќие, полицијата приведе седум возачи низ државата поради сериозни сообраќајни прекршоци, меѓу кои управување без возачка дозвола, под дејство на алкохол и со активна забрана за управување.

0

Во текот на изминатите 24 часа, на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода седум возачи за безобѕирно управување со моторно возило, информираат од МВР.

Од нив, по три лица управувале возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол, додека едно лице било затекнато зад волан и покрај активна забрана за управување.






Возачи без возачка дозвола биле регистрирани во Скопје, Кавадарци и Охрид. Во случајот во Охрид, возачот предизвикал и сообраќајна несреќа во која е повредено едно лице.

Под дејство на алкохол возеле лица во Виница, Прилеп и Скопје, при што биле веднаш исклучени од сообраќај и лишени од слобода.

Во Кичево, пак, полициските службеници лишиле од слобода возач кој управувал возило и покрај тоа што имал изречена забрана за возење.

По целосно документирање на сите случаи, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит, под дејство на алкохол или со изречена забрана, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.

Поврзани содржини