ПРЕДЛОГОТ ЗА НОВ КРИВИЧЕН ЗАКОНИК ОДИ НА МИСЛЕЊЕ ВО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Измените се поврзани и со членството во СЕПА

Измените треба да ги зајакнат одредбите за конфискација на имот и за финансирање тероризам. Пратеникот Антонио Милошоски објасни дека тие се поврзани со членството на Македонија во европската платежна зона СЕПА.

0

Измените на Кривичниот законик што се разгледуваат во Собранието имаат цел да ги намалат ризиците поврзани со членството на Македонија во СЕПА, единствената европска платежна зона, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Новиот Кривичен законик, на кој се работи одделно од овие измени денеска ќе биде испратен до Европската комисија за мислење, најави Милошоски.






Предложените измени се на дневниот ред на 129. собраниска седница и треба да бидат донесени по скратена постапка.

Милошоски нагласи дека станува збор за ограничена интервенција во постојниот закон, додека паралелно се подготвува нов Кривичен законик.

– Измените се однесуваат само на една цел, а тоа е да се намалат ризиците поврзани со членството на Македонија во СЕПА, во единствената европска платежна зона, што веќе е остварено пред една година и е многу корисно за македонските стопанственици и за граѓаните бидејќи обезбедува брзо и поекономично тргување со сите земји – членки на ЕУ и со земјите – членки на Европската економска област – рече Милошоски.

Предлогот произлегува од оценката на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам, направена во 2023 година од комитетот Манивал при Советот на Европа. Целта е домашното законодавство да се усогласи со препораките на меѓународната Група за финансиска акција (ФАТФ).

– Инаку, препораката за овие измени е дадена уште во мај 2023 година од експертската група Moneyval за спречување перење пари и финансирање тероризам при Советот на Европа – додаде пратеникот.

Со интервенциите треба да се зајакнат законските одредби што се однесуваат на конфискацијата на имот, на финансирањето тероризам и на кривичното дело перење пари.

Милошоски побара поддршка од сите пратеници за предложените измени.

 

Поврзани содржини