ПОСАТАНСКО ОД ОВА, ЗДРАВЈЕ! Дел од бугарската јавност со жестоки критики за нивната победничка на Евросонг
Бугарскиот портал „Лупа“ објави текст во кој се пренесуваат критики од архитектот Пламен Мирјанов, кој настапот на Дара го нарекол „дно на обезличувањето, сатанизам и демонизам“. Слични полемики се појавија и во други бугарски медиуми.
Бугарија ја доби својата прва победа на Евровизија, но триумфот на Дара со нумерата „Бангаранга“ („Bangaranga“) не остана само музичка приказна. Настапот што ја однесе Софија до организирањето на следното издание на Евросонг предизвика лавина критики и обвинувања за неморал, невкус и – „сатанизам“.
Дара, една од најпознатите бугарски поп-изведувачки, победи на 70. издание на Евровизија во Виена со 516 поени, носејќи ѝ ја на Бугарија првата победа во историјата на натпреварот. Песната „Бангаранга“ беше претставена како енергичен поп-настап со фолклорни мотиви, инспирирани од бугарската паганска традиција на бркање на лошите сили и енергии.
Но уште пред европската публика да ја прогласи за победничка, Дара дома веќе беше ставена под лупа на дел од бугарската јавност. Поединечни медиуми и јавни личности упатија остри критики кон нејзиниот сценски настап, обвинувајќи го за „сатанизам“, „демонизам“ и „неморал“. Дел од реакциите се појавија уште по изборот на песната за бугарски претставник, а се засилија по финалната вечер на натпреварот.
Бугарскиот портал „Лупа“ објави текст во кој се пренесуваат критики од архитектот Пламен Мирјанов, кој настапот на Дара го нарекол „дно на обезличувањето, сатанизам и демонизам“. Во текстот се наведува дека тој „жестоко ја осудил песната“ и упатил „обвинувања за сатанизам“, оценувајќи дека современата сценска естетика на Евровизија промовирала вредности што, според него, биле спротивни на традиционалниот морал.
Слични полемики се појавија и во други бугарски медиуми. Порталот „СајФај.бг“ во анализа посветена на Евровизија објави текст со наслов „Топ 5 сатански песни на Евровизија“, во кој одделни настапи се опишуваат како „сатански ритуал“. Авторот користи формулации како „вештерка што повикува демон“ и „посатанско од ова не може“, анализирајќи сценски перформанси што се потпираат на темна естетика, необични костими и симболика.

Од друга страна, дел од бугарските јавни личности застанаа во одбрана на пејачката и ги осудија ваквите квалификации. Историчарот Петар Стојанович, цитиран од порталот „СејфЊуз“, реагираше на нападите со зборовите: „Доста веќе со глупостите за сатанизам“. Тој оцени дека во Бугарија постои навика прво да се „плука“, а потоа да се слават успесите, додавајќи дека дел од јавноста премногу лесно лепи етикети кон уметниците кои се обидуваат да понудат поинаков сценски израз.
Исто така, русенскиот митрополит Наум јавно ѝ ја честиташе победата на Дара и порача дека Бугарите треба да научат да се радуваат на успесите на своите сонародници, наместо да ги омаловажуваат.
Овие реакции дојдоа како редок пример на смирување во расправата што брзо излезе од рамките на музичката критика и влезе во полето на идеолошко етикетирање.