ПОЧИНА БЕН ЏОНС, ЅВЕЗДАТА НА „THE DUKES OF HAZZARD“ Кариерата ја градеше пред камерите, а потоа и во Вашингтон

Сопругата на актерот со емотивна порака ја потврди смртта на 85-годишниот глумец, кој освен со телевизиската кариера беше познат и како американски конгресмен

0

Бен Џонс, американскиот актер и поранешен конгресмен, познат по улогата на симпатичниот механичар Кутер Девенпорт во култната серија „The Dukes of Hazzard“, почина во недела, 9 август, на 85-годишна возраст. Според неговата сопруга Алма Виатор, актерот починал од последици од тежок срцев удар.

Тажната вест ја објави токму неговата сопруга, со која Џонс беше во брак од 1992 година. Таа откри дека последните моменти ги поминал дома, одморајќи се во омилената фотелја и чекајќи го натпреварот во бејзбол меѓу Атланта Брејвс и Њујорк Јенкис.






– Денес ја изгубив љубовта на мојот живот. Многу го сакав, а го сакаа многумина. Ќе ни недостасува. Го сакав толку, толку многу – напиша Виатор, додавајќи дека имал неверојатно богат и исполнет живот.

Роден на 30 август 1941 година во Северна Каролина, Џонс се заинтересирал за глумата додека студирал на Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил. По преселувањето во Атланта настапувал во театар, а кон крајот на шеесеттите години започнал да добива и филмски улоги. Меѓу неговите рани филмски појавувања биле „Killers Three“, „Together for Days“, „Moonrunners“ и „Smokey and the Bandit“.

Токму филмот „Moonrunners“ подоцна послужил како основа за серијата „The Dukes of Hazzard“, која се емитувала од 1979 до 1985 година. Во неа Џонс го играше Кутер Девенпорт, омилениот механичар, а во текот на седумте сезони се појави во дури 141 епизода. Играше заедно со Том Вопат, Џон Шнајдер, Кетрин Бах, Денвер Пајл и Рик Херст.

По завршувањето на серијата, актерот продолжил да работи на телевизија и филм, со појавувања во „Dallas“, „Dakota“ и „Primary Colors“, каде што играше покрај Џон Траволта, Ема Томпсон и Били Боб Торнтон. На омилената улога ѝ се врати во телевизиските филмови „The Dukes of Hazzard: Reunion!“ во 1997 година и „The Dukes of Hazzard: Hazzard in Hollywood“ во 2000 година. Неговиот последен актерски ангажман бил во „Unbreakable“ во 2021 година.

Покрај актерството, Џонс имал и политичка кариера. По неуспешната кандидатура за Конгресот во 1986 година, две години подоцна бил избран во Претставничкиот дом на САД, а во 1990 година освоил уште еден мандат. Во Конгресот поминал вкупно четири години. По веста за неговата смрт, од него се прости и неговиот долгогодишен колега Том Вопат, кој објави заедничка фотографија и го опиша Џонс како одличен пријател, додавајќи дека има чувство оти „изгубиле еден роднина од семејството Дјук“.

Поврзани содржини