ПОЧИНА АКТЕРКАТА ОД „БЕВЕРЛИ ХИЛС, 90210“ Кимари Џонсон имаше само 50 години
Актерката и манекенка Кимари Џонсон, позната по „Беверли Хилс, 90210“ и „Друже, каде ми е автомобилот?“, почина од срцев застој на 50-годишна возраст.
Поранешната американска актерка и манекенка Кимари Џонсон почина на 4 ноември, на 50-годишна возраст, откако повеќе од една недела се борела за живот по сериозен здравствен инцидент во својот дом во Лос Анџелес. Публиката ја памети по појавувањето во култната серија „Беверли Хилс, 90210“ и во комедијата „Друже, каде ми е автомобилот?“.
Веста за нејзината смрт ја потврди нејзината внука Ронда Скот, која за американските медиуми откри дека Џонсон на 27 октомври доживеала сериозен срцев инцидент во својот дом. Итно била пренесена во болницата „Седарс-Синај“ во Лос Анџелес, каде што лекарите ѝ дијагностицирале состојба поврзана со аневризма на срцето.
– Таа зрачеше со светлина толку силна и блескава што секој што ќе дојдеше во контакт со неа чувствуваше позитивна енергија. Многу ќе ни недостига и засекогаш ќе го чуваме споменот на нејзиниот живот – изјавила нејзината внука.
Џонсон се појави во една епизода од осмата сезона на серијата „Беверли Хилс, 90210“ во 1998 година, каде што го толкуваше ликот на Џуди. Две години подоцна доби улога и во комедијата „Друже, каде ми е автомобилот?“, во која главните улоги ги имаа Ештон Качер и Шон Вилијам Скот. Се појави и во телевизиските серии „В.И.П.“, со Памела Андерсон, и „Ванда на големо“.
Нејзиниот животен пат не беше поврзан само со актерството. Родена и израсната во Вилкинсбург, Пенсилванија, таа се преселила во Лос Анџелес за да ја оствари својата актерска амбиција. Претходно се натпреварувала и на избори за убавина, а во 1992 година ја освоила титулата Мис Пенсилванија САД, по што ја претставувала својата држава на изборот за Мис на САД во 1993 година, каде што се пласирала меѓу петте најубави девојки.
По раѓањето на синот Камерон Нино во 2003 година, направила пауза од актерството, но подоцна се вратила преку независни филмски и театарски проекти. Работела и како продуцентка, а во 2011 година го основала сопствениот козметички бренд SkinGlow by Kimmarie. Последните месеци повторно била активна и како манекенка. Во август годинава се појавила на насловната страница на словенечкото издание на магазинот „Грација“.