🎥 ПОБАРАЛЕ ПОДАРОК ЗА ДА ЗАМИЖАТ ПРЕД СООБРАЌАЈНИОТ ПРЕКРШОК Кривична против тројца полицајци за примање поткуп
Полициските службеници се сомничат дека на 4 јули 2024 година, околу 23.00 часот на ул. Даме Груев во Скопје, при вршење службени задачи побарале и примиле подарок за себе за да не извршат службено дејствие, односно да не констатираат сообраќаен прекршок и на тој начин го нарушиле угледот на Министерството за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против тројца полицајци поради сомнение за примање поткуп.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против Д. С., Ф. Ѓ. и Д. Ј., полициски службеници во Полициска станица Центар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.
МВР денеска соопшти дека тие се сомничат дека на 4 јули 2024 година, околу 23.00 часот на ул. Даме Груев во Скопје, при вршење службени задачи побарале и примиле подарок за себе за да не извршат службено дејствие, односно да не констатираат сообраќаен прекршок и на тој начин го нарушиле угледот на Министерството за внатрешни работи.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка“, стои во соопштението од МВР.