По само еден ден од регистрацијата, Грција го избриша македонското здружение „Крсте Мисирков“
Лицето што побарало регистрација на здружението АМКЕ „Крсте Мисирков“ е присутно во грчкиот судски систем во повеќе случаи - е едно од образложенијата за ваквата одлука.
Министерството за култура на Грција го избриша Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик „Крсте Мисирков“ од Воден само еден ден по запишувањето во регистарот на културни институции, пренесува порталот „Експрес“.
Во образложението за одлуката на Министерството се наведува: „1. Лицето што побарало регистрација на здружението АМКЕ „Крсте Мисирков“ е присутно во грчкиот судски систем во повеќе случаи; 2. Организацијата не обезбедува привилегии на ниту еден потенцијален корисник; 3. Организацијата никогаш не поднела барање за владин грант од Министерството за култура“.
И покрај Преспанскиот договор, кој Македонија го спроведува и пред роковите набележани во него, грчката држава ја повлече регистрацијата и на македонската организација „Свети Кирил и Методиј – локално друштво Серес“. Таа во својот весник објави дека се залага за изучување на македонскиот јазик во Грција и зборува за постоењето македонски херои одделни од грчките.